Пустец во секој од нас

Шоуто мора да продолжи во Центар

Обожавам рокенрол утра. Кога првиот поглед наутро ти го краде ведрото небо, спремно со малку ветер и многу сонце да биде едно од најубавите неба кои ќе ги доживееш годинава. Ниедна бескрајна празнина не е пополна од едно такво небо. Плеј: Ролинг Стоунс, Don't Stop. Се тушираш со дисторзија, дури миеш заби тресеш колк ко Џегер. Излегуваш од дома, а концертот кој го свират во твојата глава не престанува. Кој воли нек изволи. И ждранг! Грешка во чекори: твоето рокенрол утро бил изборен ден. Мака? Мака. Океј, правиме мала пауза од рокенролот...

Секој што е на власт сака да остане на власт. Секој шо не е на власт сака да дојде на власт. За власта се војува, а во војната нема правила. Многу е едноставно. Исто како шо е едноставен принципот на работа на Њутн или пак кармата: човекот го јаде поради сопствените дела. Одбрани дела, that is.

Сепак, се осеќам малку тажно што завршија изборите во Центар. Немаше тенкови кои ќе носева безбедно кутии до избирачки места, немаше магиски трикови на плоштад со реквизити на Тесла за создавање громови, немаше контра-протест на Обединети Кловнови на Македонија кои ќе беа про-рингишпил (уште еден исчекор во насока на посилна демократизација на земјата). Просто, ВМРО си призна пораз. Чудо.

Нормално, си имам пар пост-изборни амандмани:

Прво, стварно никој не го слуша Мик Џегер, а е жива енциклопедија човекот. Сите песни од Стоунси ги знае, а ги имаат повеќе него денови во годината. За жените во светот обично важи дека или биле со него или се негови, па сепак човекот пее You Can't Always Get What You Want. „Ама морам да победам". Не мораш Хозе. Слоу даун. Не си само ти тука. Не си најдобриот во историјата, не си единствениот. Впрочем, можеш и толку да си мал што и името нема да ти го помне никој за 15 години ако денес си кажеме чао, а ти останеш на мислење дека си заслужувал повеќе, но ете, сите други освен ти биле глупави и не знаеле што е добро за нив. Лузерски пристап. Мик знае. И ден денес ебе мажоретки, затоа што некогаш рекол: океј, не мора се и одма, не мора сега и тука. Има ден. 200 проштајни турнеи направија Стоунси, уште го држат и нозе и грло и креативност.

Второ, штета шо завршија изборите од економски аспект – можевме да си направиме франшиза, на светско ниво, партали да е. Една Формула 1, два Дизниленди, три круга гласање... нот инаф! Недоволно за задоволување на потребите на сите светски адреналински маратонци кои сакаат да гледаат спектакли кои траат и траат и траат. Ќе беше одлично секој нареден круг на прегласување во Центар да се одржува во нов град. Наредниот во Белград, па Софија, па Берлин, Буенос Аирес, Барселона, Њу Џерси... светот е лимит. Плус интеракција со локалното население ќе се прави така што на гласање ќе биѓаат носени иселеници од други реони на земјата во која гостува шоуто. Во Барселона од Билбао, во Билбао од Тенерифе, во Мадрид од Софија. Замисли таков спектакл, ко Цирк де Солеј само ќе е Цирк де Гласај. 52 недели во годината, 52 градови на планетата. Секоја недела избори во друг град, во друга земја. На нова година броење, па да видиме каков катастрофален резултат забележала опозицијата во Лугано то ест дали центарот на Кандахар има доволна демократска свест за да гласа контра извршната власт. Свет каков што и Гоце Делчев би сакал.

Тројката ми е за пуст Пустец. Да се договориме нешто: не е еснафски да користиш легислативна луфта за да нашибаш бројка од 300-400 пустински Македонци, реални луѓе, со реални раце, нозе, глави, деца, сметки, на кои за 50 еура плус ќе им го купиш правото на глас кое си им го овозможил во рамките на уставот. Не е еснафски бидејќи во една општина во која живеат десеттици илјади твои сограѓани им ампутираш еден екстремитет и ја ставаш раката на далечинско која... треба да ги скроти? Треба да ја оправда твојата естетика? А тие кутри мали хрчки не ги жалам особено - свесно се сложиле за одреден „интерес" на денот на изборите да се „на некоја улица" во Центар, па уз пат и да си гласаат за кого и да им се гласа. Само ми е сеопшто бедно кога кампањата зема елитистички паролен тон од типот „Центар не е Пустец". А Пустец е. Сите сме ние од некој Пустец. Скопје во 1913 година има 43.000 жители, а денес 15 пати повеќе. Стариот Центарец кој денес не е вработен, наредна недела ќе е вработен. Пустец се крије и чучи у свако од нас. Да не е џабе викањето... математиката покажа дека вакви сценарија не функционираат. За логиката не ми се трошат зборови. За еснафлукот во време на војна, такуѓере. Среќа што сите премрежја од типот „ех, ќе мора да гласаме иако немаме лифт“ или „ај говна, ми ги дупнале гумите на колата, како ќе гласам сеа“ употребени викендов со... ама стварно не знам каква намера, идеја, беа пребродени. Кој и да ги предлагал идеиве се надевам дека сега седи во ќош со кец за тромесечие.

Четврто: ми се еба сценариото за филм. А имав на ум новински извештај на втора страна во Тајм магазин, одеше вака: „Во едно од сценаријата кои се разгледуваат за петтото продолжение на Mission Impossible, Том Круз во улогата на Итан Хант доаѓа во Македонија на изборен ден и треба да одржи прес маскиран како Бичиклиски или Димовски на кој ќе соопшти дека партијата го признава поразот во Центар и му посакува успех на Жерновски, воедно спречувајќи го поставувањето на 75 000 скулптури на слободна тема кои поради својата специфична тежина на мал простор ќе направат дупка во планетата Земја која ќе пробие некаде во Кина, точно под Скопје и ќе направи промаја во средиштето на земјата, истекување и ладење на земјиното јадро - магмата и конечно замирање на животот во овој Сончев систем. Сценариото има 10.176 страни, а филмот би траел една недела. Ова би била воедно и последната улога на Том Круз во овој серијал бидејќи, како што неофицијално изјавил самиот актер: „подобро од ова не може, а ако мислиш дека може ти си комуњарско говно и апатрид во душа". Детали наскоро..."

Ама јок. Немаше повторна желба за демонстрација на моќ, бидејќи и народот имаше пар нешта за демонстрирање. Еднаш, два пати, три пати... продадено. Се начу по некоја честитка како што личи на една нормална средина, а денес имаше и отчет за домаќинското работење на плоштадот, бај Министерката и Градоначалникот кој се одјавува. Кога прв пат ја видов, помислив да не обзнанува за некој конкурс за снимање песни на тема „Заблудите на граѓаните за економската и естетската оправданост на СК2014". Ама не. Прес обид за домаќински отчет, свеж како краставичка. Сега службите нека работат, уздуж и попреку и нека си обзнанат чија мајка свилену завесу преде. За некого се сруши митот на непобедливост, за друг токму сега е прав момент да размислува на избори. И не се сомневам дека секој од свои причини ќе се сложи на ново одмерување на сили, за да искористи или да спречи користење на некаког моментум.

Но дотогаш, со ветување дека будно ќе следам сè, може да прогласиме мало примирје, јели? Да слушаме убава музика, да правиме корисни работи кои нè прават среќни, да се дружиме со убави луѓе на убави места, да бидеме подобри од вчера, полоши од утре? Да навиваме за Барса утре против Баерн? Знаев дека може.  Срцки сте.

И тука доаѓаме до петтиот амандман, назад на почеток, кај рокенролот: Мик Џегер е стварно паметен. Во право е и кога греши. Да внимаваме...

Како е онаа народната: „за бившите градоначалници, сè најдобро“ (освен ако не си инспектор). Она што било - било. Андреј, со среќа. На тебе е ред. А јас ќе бидам тука и за арно и за неарно.

Аумеџувремену, пишувајте си слободно на betmenvelit@gmail.com или на твитер: @BatmanSaysT

22 април 2013 - 19:17