Ќе мора да гласате за мене

Oкеј, бидеќи на полноќ официјално започна изборната кампања, со што досега неформалното неофицијално подјебавање се легализираше како во Амстердам само со помалку давачки, најофицијално ја најавувам најнеофицијалната контра кампања, пара-политички активизам (значи, за пара, повеќезначно), наменет за инстант релаксирање на центрите во мозокот задолжени за политичка хистерија и активација на креативната енергија која спасува живот: „Бетмен 2013 за градоначалник на све живо и диво, севселенски император на цел универзум особено Охрид и Скопје". Зш? Зш така требит! (+1 поен за глуп хумор, jeс).

Зошто? За да се слушнит гласот на народот кој шо е презадоволен од досегашната асфалтно-монолитна работа на градоначалниците, но би сакал и некои други промени во својата животна средина за кои досега немал слух никој (па ни Роберт Саздов) или едноставно биле премногу мамојебни за да воопшто дојдат до Центрите за Генијалност во Изборните Штабови на Обичните Смртници. Крај краева, и ние гласачиве сме луѓе, и ние заслужуваме малку забава во сувопарниот бабуројадачки циклус на предизборен мензис. Како велат старите: „На 26 години си премлад за претседател на Македонија а престар за министер, оди ми ти пиле за градоначалник". А старите знаат како треба.

Кампањата ќе трае колку што трае онаа подосадната, во два круга. Није Бетмен Лукашенко па да победи во прв круг, без оглед на тоа што велат анкетите. Да, го опипував малку пулсот на народот на едно специфично место кое е во обратнопропорционален однос на активност со партиските митинзи. Моите драги фејсбукери во огромен процент излегоа на мини референдумот на кој единственото прашање беше: 1. „Дали ви е преку таквиот, со можност да ви е и во иднина преку таквиот од грдото лице на политиката и да одморите глава од сите глупости кои се избежни?" на што во огромен процент гласно кликнаа: „О, Лајк!"

Е затоа ја правиме кампањава, генерално, а малку и затоа што ме подбраа Филе и компанија дека е нечовечки да ја оставаме земјава на бандаж . И ќе трае се дури ДИК (DICK! Ха!) официјално не излезе (дик да излезе! доообро...) со првичните резултати од вториот круг на гласање, па се дури има жалби и молби, пискотници и намрсени мустаќи со топло пиво и месен нарезак пред кооперациите од Галичник до Река. Тука ќе сме бидејќи се грижиме и не ни е сеедно.

Еве една нацрт скица на првични активности за универзалната борба во насока на унапредување на животот на граѓаните. Наречете ја листа на барања ако сакате, немам против. Ова би сакал да го видам во програмата на секој кандидат за шеф на град во наша Македонија:

1. Едношалтерски дворакиен систем – Јасно е сè. Еден шалтер е добар, еден шалтер со две ракии по вработен административец и клиент (максимална дозволена граница е 1,2 промили) е уште подобар. Ако нема драстично зголемена ефективност во извршувањето на работите, барем ќе има насмеани лица. Доаѓаш на шалтер, мавате по една ракија, малку лаф муабет и се фрлате на работа.

2. Понеделник е неработен ден – треба човек да одмори од викенд. Греота е понеделник да е најомразен ден во неделата. Малку и вторник нека трпи тортура. Конечно, во вторници често има и фудбал на тв, па кога имаш што да чекаш, времето поинтересно проаѓа. Дури речеш среда, веќе дошол петок.

3. Социјални станови за комшиите кои не враќаат на „Добар ден" пред лифт - Сите угурсузи кои не се подготвени за живеење во заедница на колективно станбено домување да добијат плац со барака оградена со двометарски ѕидови од сите страни, за да може на раат да си живеат во себедоволниот универзум и да разговараат за сите животни прашања со своите мачиња, кучиња и кокошки (за сточно поосвестените). Така на раат ќе може да го мразат светот после пладне, а до пладне самите себе, додека оние со грам култура нема да мора да се препотуваат пред секое разминување со комшијата дали ќе му го расипат расположението ако му кажат „Здраво".

4. Забрана за хуманитарни акции на градските татковци во време на предизборна кампања – затоа што оние кои имаат потреба од помош имаат потреба сите четири години од еден мандат на градоначалник, а не само кога кандидатот сака да се слика и снима. Вака повеќе работа ќе имаат и фотографите и камерманите, вестите ќе изобилуваат со повеќе позитивни информации и градските татковци ќе служат како пример.

5. Рокенрол тревога - На разглас за добро утро, во секој град. Наместо да се бориме со алармите за будење, градскиот татко ќе си стане прв како најодговорен и на сирените кои се поставени додека Тито беше шеф на Африка, за да алармираат недај боже за опасност од бомбардирање или нуклеарна тревога, ќе пушти рокенрол. Живееме во мирнодопско време и сме еколошки освестени, па нема потреба од нуклеарни аларми. 07:30 е супер време за да грмат Ејси Диси со Thunderstruck па сите да го започнеме денот како кукурек. Секој ќе работи со поголем ќеиф кога има дисторзија со првото кафе. Плус, рокенрол алармот може да се огласува секој пат кога некој шумадиски моцарт ќе најави концерт во Македонија. Освен Аца Лукас кој е врховен крал и има валјд-кард за такви субверзивни дејанија. За државни празници и други значајни себапи, многу нормално дека и Јонче Христовски ќе е неизбежен дел од репертоарот.

6. На работа со точак – Ако може Борис Џонсон од Лондон, може и Петко од Македонија. Возењето велосипед не бара стручна спрема како качувањето на Месечината, добро е и за здравјето на градоначалникот и на неговите сограѓани. Така ќе се расчистат сите дилеми дека оној кој ни го барал клучот од куќата се поима себеси како битие залепено за кожните фотелји на автомобилите за кои секогаш е зелено. Ченто има споменик на плоштад Македонија меѓу другото и затоа што како Претседател патувал со воз, со регулар смртниците. Ако некој политичар се плаши за безбедноста и затоа шиба во блиндиран автомобил, веднаш нека заборави на таа параноична глупост. Не се сите Папи, па да мора да шибаат во Папа мобил, ко Јован Павле II. Многу поблагородни идеи може да се извлечат од последниот Папа Рацингер, барем во тој дел.

7. Појадок во секој дом - Бидејќи Појадокот на Мост е технички неизводлив во секој град (не ни е проблем мостот, тој се прави, ама кој ќе прави нови реки и езера?) Градоначалникот еднаш неделно да посетува рандом избрана фамилија и да ѝ спрема доручек. Намирниците за појадокот се на сметка на градот, пиењето ќе го даде домаќинот. Замисли, ти доаѓа Коце Трајановски дома и ти прави палачинки. Или Макрадули те вика на партија баскет како градско дете, а после тоа ти носи крушевски локум за ребаланс на шеќерот.

Ова се само нацрт скици на програмата која се работи за секој град посебно. Во тимот веќе има луѓе кои ја подготвуваат програмата за својот град, но секој од вас кој има некој предлог кој дише со концептот нека го прати: ќе биде разгледан, унапреден по потреба и ќе влезе во програма. Напомена: рестартирањето на часовникот на Музејот на град Скопје веќе ни дојде како идеја и е одбиена како глупава.

Ќе одржуваме митинзи и конвенции на фејсбук. Интернетот е нашата земја, гласот на народот наш интерес. Вашите ведри и насмеани лица - наша обврска. Ракијата и цицките наша инспирација. Новото сонце на слободата - наше знаме. Дарко Панчев наша златна копачка. Борис Сарафов наш главен брадоња.

Во нашиот тим има многу умни глави. Добар дел од нив милион посто ги знаете, дел од нив ќе ги запознаете по пат. Еве едни од нив, луѓето кои ќе пеат на секој наш митинг.



Контакт со штабот: betmenvelit@gmail.com | @BatmanSaysT | Немаме Избор 2013 на Фејсбук (стискај лајк, стискај лајк! уште еден поен за глуп хумор, оу јес!) 
5 март 2013 - 13:35