Црни дупки насекаде околу нас

Кратка историја на Балканот и грешката на Стивен Хокинг

Има такви вторници во кои ничим изазвано човек ќе ја дознае историјата на Балканскиот полуостров, ни крив ни должен. Ги знаете оние вторници во кои пред визир ќе ви улетаат неколку информации во вид на вест, интервју, песна, сите форми во кои народите на овие простори одлично и навидум балерински лесно, во суштина ѓаволски тешко, ги констатираат најважните настани од историјата и сегашноста.

Па така, во еден таков вторник, прво погледнав фрагменти од гостувањето на професорот Тентов кај Јанко во кое тој ги констатира толкувањата на античките Македонци за настанокот на светот и сакал-нејќел научив дека:

-Господ го направил светот за 10 дена во кои (не по особен редослед за првите 9 дена) Тентов констатира дека биле создадени Сонцето, небото, земјата, душите, духовите, душите на тие кои му помагаат на Бог, фигура на маж (без душа), фигура на жена (без душа исто така и еден ден откако одморил после создавањето на мажот);

- потоа ги вдахновува душите во создаденото, ги прави луѓето и ги создава Македонците;

- откако ги прави луѓето, па Македонците, како што вели Тентов, после нив „продолжува со развојот";

Одлично. За мене нема ништо спорно Античките Македонци да верувале дека Бог ги создал нив, па сите останати. Малку ми е спорно 2-3 илјади години подоцна ние да го мислиме потполно истото и, како што ќе забележи професорот, токму тоа што сме му биле мезимчиња на Бог и прво нè направил нас - „затоа сите други не нè сакаат", додавајќи дека е дојдено времето Македонецот да прогледа после толку време и да ја прифати вистината дека е „дел до светскиот врв".

На Балканите не е воопшто проблем за било кој народ да мисли дека е првосоздаден и предок на сите други народи од околината, па пошироко на целата планета и врз база на тоа верување единствено да може да ја објасни супериорноста на сите полиња која ја чувствува, меѓутоа не може да ја искаже, покаже и докаже, не може да ја ефектуира затоа што.... погодувате - „токму затоа другите не го сакаат".

Клучните поенти офф.нет ги има издвоено овде:

Ете, научивме нешто за историјата на Македонија, а од неодамна можеме преку песна да научиме и нешто за сегашноста и иднината на нашите северни комшии со кои делиме многу од фолклорот, иако тие би тврделе дека Бог прво ги создал нив, па после можда Македонците.

Ама, фактите го говорат следното: после клучниот 10-ти ден од создавањето во кое Бог ги создал Македонците, гледајќи колку е часот, ја создал српската дуњовача, па српската музика, српскиот авторски гениј и некаде на 13-тиот ден ја создал поетесата и пејачка, српската народна леонар-коеница Марија Максима која живее постојано од настанокот на Светот, Македонците, дуњовачата и Србите - па сè до ден денес.

Таа денес во својот нов мега-хит има да ни го порача - низ весело оптимистичко патриотско песниште - следното:

„Oн који нам даје мир и одговорност,
који се не каје,
наша снага и превасходност,
наш спас, глас, до Европе, света
нека чује цела планета (се вика, зове, вотевр) Вучиќ Александар"

После овој вовед, Марија Максима на српскиот спасител, снага и превасходност (?) му дава мандат сите нив да ги води према „победата и државната вистина".

Вучиќ оваа одговорност оберучке ја прифати и вчера, одржувајќи отворена седница на владата, ама буквално отворена и најави дека иако владата на Србија „е осудена да работи во услови на најтешките предизвици на меѓународен план и среде елементарни непогоди", била осудена да успее и дена „нема право на непрекинати жалопојки и изговори", туку преку одговорност и работа да ја извади Србија на правиот пат.

После овој говор одржан на најотворената седница која една влада може да ја има, во рударскиот басен Колубара, на импровизирана бина, тој и членовите на кабинетот во употреба пуштија некакви опасни багери и трансформери.

Песната говори илјада милениуми старо пророштво:

Во меѓувреме, апсолвирајќи ја констатираната историја и сегашност на Балканот, од првосоздадените Македонци па сè до владата која одржува седници во рудник, ако човек си земе слобода да ги провери западните лажливи медиуми кои нè мразат бидејќи сме најдобри, ќе прочита една изјава на човек кој не може да отиде во емисија на свои нозе и без проблем, срам, перде, ролетни или челични решетки да ги споделува најтаинствените беспаќа на својата мозочна маса.

Не може ниту да замине среде рудник и да каже дека е осуден да работи во време на елементарни непогоди (околу него) бидејќи боледува од амиотрофична латерална склероза - или „болеста за која луѓе се полеваа со кофи мраз минатата година".

Но може од време на време да го упати светот во насоката во Вселената во која треба да се движи, како и многупати досега.

Стивен Хокинг пред некој ден, веројатно насетувајќи ги констатациите на Тентов, Вучиќ и Марија Максима, изјави:

„Мора да продолжиме да патуваме во вселената за доброто на човештвото. Не мислам дека ќе преживееме уште 1000 години, отколку не започнеме да ја напуштаме нашата фрагилна планета".

Стивен, многу те почитувам, но дозволи ми да те парафразирам и надополнам од балкански премудар аспект. Да живееше тука, изјавата ќе ти беше отприлика вака:

„Мора да продолжиме да патуваме во вселената, што подалеку од тука, да спринтаме низ космосот колку што нè држат нозе, да избегаме од лулките на цивилизацијата кои на овој простор сè повеќе од бројот на држави во моментот, број кој многу често се менува.

Некогаш не мислам дека ќе преживееме уште 1.000 минути доколку не започнеме да ја напуштаме реалноста поради нашата фрагилна душа."

За среќа, после душата, мој Стивене, на 12-тиот ден Бог ја измислил ракијата. А таа, ценет неколега Хокинг, знае да направи одлични привремени Црни Дупки кои ти толку долго време ги проучуваше на сосема погрешни места во универзумот. Во нашите црни дупки човек може да ја спакува реалноста на создателите на светот и потомци на првите луѓе топтан со нивните сопствени црни дупки, кои овде ги има повеќе од бројот на факултетски образованите.

Хокинг, надграден и проширен, бидејќи и најдобрите грешат. Освен јас. А ако мислиш спротивно Стивен, океј е. Знам зошто не ме сакаш.

Бетмен Велит

28 април 2015 - 13:28