Т'га од југ

Адвокатот на реднекот

Факултет завршив во албанска средина и таму ја прележав регионалната сипаница на несакање некого по национална основа. На Штулов научив дека на речиси сите студенти подеднакво ни се правеа истите будалаштини. Сфатив дека сум полн со предрасуди единствено за шупци и идиоти, независно дал биле од наша ил од нивна. И обратно пропорционално, длабок наклон и почит се уште имам за еден куп луѓе кои ги запознав за време на студиите. И од наша и од нивна. Сега добив прилика од прва рака да сведочам што народ живее на американскиот југ и да тестирам до каде сум еволуирал на скалата на интерпретација на други живи суштества од нашава сорта.

И тука запознав вистински другари, дами и џентлмени, сељачишта, дрољи и "педерчиња." Цела лепеза на карактери кои знаат да вибрираат и позитивен дух и да придонесат кон лесното секојдневие на кое не бев научен.

Тазе вратен од Германија, другар ми Ертан пред години ми се пожали дека не може да се привикне на директните и намрштени погледи од случајните разминувачи по скопските улици. Се уште сметам дека ова зјапање е една од најневкусните навики кои си ги м'кнеме со себе. И во Флоренс разминувачите те гледаат во очи ама за да се насмеат и да ти посакаат убав ден, ритуал карактеристичен за југот и непишано правило на кое ми требаа месеци да се адаптирам. Претпоставувам дека првичните паранои на ова рандом "како е?" се должат на нашиот асфалт и честото намќор расположение со кое израснав, па кога маж и жена на околу 60 години ќе ми мафнеа со блага насмевка, си велев "абе да не се свингери што сакаат да вклучат младо македонско месо во нивниот приватен рингишпил?!" Сега се срамам што умот знае да ме одведе до крајните граници без да видам што ми е пред носот. Пар позитивни старци со добра намера.

Не велам дека таму доле сме примитивни или нешто помалку вредни од овие тука, напротив, во некои аспекти моето друштво во Скопје се магистри по бон тон за некои луѓе од мојов привремен дом. Но тврдам дека луѓето овде се пораат и деновите ги нижат наклонети кон убавите и практични нешта. И не се работи за некој си екстра подобар животен стандард. Изненадувачка е бројката на луѓе кои секојдневно се борат и 'рмбаат за да ги покријат основните трошоци. Не е до паричката, има некој лабаво наштиман животен ритам кој изгледа им одговара на повеќето, па и на мене. Меѓу многуте друштвени својства кои ги набљудувам со месеци, сакам да издвојам два про и контра елементи кои ми го привлекоа вниманието.

Одиме со контра. Една од ретките карактеристики на народов која ми пречи до намајкаде е трачањето. Како фризерки на крек се. Се исушија од трачање. И не зборувам само за жените. Ме збунија другариве кои немаат проблем да поарчат 3 часа, буквално, на детална анализа на приватниот живот на најблискиот/најблиската.

"Немој да ме сфатиш погрешно Владимир, го сакам ко брат, ама..." е репликата со која започнува трач масакрот на личниот простор на оној со кого се дели куќата. Се кострешам кога ќе се најдам на маса каде разговорот почнува со овој вовед, па со текот на времето се научија дека немам проблем да ги отерам у 3... кога стартува секцирањето на нечиј најинтимен фолдер. По ова, трачањето се раствори, барем во мое присуство, а што се разглобува на тема Македонецот во друштво кога не сум присутен, искрено е моја последна грижа на списокот.

Но откако, меѓу другото, се навикнав дека се зева и кашла без да се стави рака на уста а ждригањето не е најгадното нешто што може девојка да го направи пред луѓе, една од најфасцинантните сопки во однос на живеачката на која наидов тука беше сушата од предрасуди. Но да се разбереме, во оваа категорија не влегува расизмот кој ќе си добие посебно парче во некоја од следните Т'ги.

Наспроти мојата првична претпоставка билдана на филмски стереотипи дека во Алабама виреат крајно нетолерантни ликови, немилосрдни кон поинаквите "примероци," мој впечаток е дека тука ни по која било основа не си жигосан ако живееш со хендикеп, не е страшно со себе да влечкаш прекумерна [ама луѓе, збориме за прекумерна] тежина, ниту да си геј.

Добро сега, да не испадне дека Јужњациве ги направив Холанѓани, не во секоја средина се оперирани од идиоти што имаат време некого да тормозат заради тоа што е понаков/поинаква. Во длабокиот југ има и мали места каде да видиш геј пар како се шетаат фатени за рачиња по корзо е ко да си видел две момчиња да се лапаат во чајџилница во Шипковица.

Сепак, во моето паланче Флоренс, луѓе со посебни потреби се уредници на весници, хомосексуалци се директори и инвалиди се активни спортисти. Никој никому не му тупнува налепници. И не се работи за некаква лажна коректност, туку додека времето си врви, највеќето луѓе не мразат ниту со прст пукаат по различните. Физичкиот изглед по себе не е критериум па ниту 140 килограми тешкиот тип не е дискфалификуван кај вруќите моми и обратно.

Една од најпопуларните девојчиња во моето друштво е посвоено сираче од Русија која речиси цел живот го минала во Алабама. Сите ја посакуваат а она излегува само со најхит типчиња во регионов. Кукла со онаа автентична славјанска убавина која дистанцата или средината не можат да и ја истераат од гените. Костен коса, витка става и предизвиклив зрак до зла Бога. Таа нема една нога. Ја загубила кога имала 2 години. [Е сега, на жустрите фанови на Сопранови ќе им текне на што прво помислив кога ја запознав.]

Неколку дена пред Ноќта на вештерките девојката ја даде идејата и ја зајми протезата за украс на дворот каде живее, за декорацијата да биде уште пострашна, нема проблем кога некој се шегува со нејзината трагедија па и сама знае да спука мрсен штос на своја сметка. И да, се гледа со 22 годишен дечко дијабетичар. Ниту нему никој не му фрла погледи попреку кога пред сите во вена се пука со инсулин.

Воодушевен од силата на девојкава на другарите им велам: па ова е неверојатно. Каква приказна. Каква храброст. Кој став човеку. "Е добро де... голема работа," ми враќаат.

Повторно, не велам дека сме ние Македонците нечувствителни неранимајковци [иако и самиот сум бил а и сум видел гадови што заебуваат нечиј ден баш зошто некој е различен] туку нудам агол од кој тука ѕирнав колку е лесно да си ја бркаш својата работа и да не се изживуваш врз кого било. Уште една лекција научена. Исти сме да му ебам матер. Сите.

В.Л.Адо

lazoroskivladimir@gmail.com

11 април 2012 - 18:12