Што можат да нè научат мравките за сообраќајните гужви?

Како тоа ние секогаш и секаде успеваме да заглавиме а тие и во своите најголеми гужви си врват? Прво и прво, мравките немаат его.

Еден физичар во Индијскиот институт за технологија и истражување на вселената развил модел кој може да покаже како мравките подобро излегуваат на крај со сообраќајните „шпицови" отколу луѓето.

Апоорва Нагар го создал овој модел откако прочитал студија која покажува дека мравките можат да одржуваат постојан проток на сообраќајот, дури и кога нивниот број долж патеката се зголемува. Ова е само уште еден начин на објаснување и пронаѓање чаре за човечките сообраќајни метежи преку физички и математички теории.

Нагар вели дека постојат три главни причини зошто мравките не заглавуваат.

Прво и прво - тие немаат его. Не им е важно некого да престигнат, и со тоа да покажат кој е тука главен.

Второ, ним не им пречат мали незгоди или судири. Освен ако нема некакво сериозно трупање на една мравка врз друга, тие продолжуваат таму кадешто тргнале.

Третата причина е во тоа што мравката изгледа дека станува подисциплинирана кога има гужва на патот, одејќи во поправа линија и помалку скршнувајќи од правецот. Во таква ситуација мраквите поретко прават неочекувани потези - исто како кога компјутер, а не човек, контролира автомобил. Освен ако нема апсолутна потреба за тоа, варијациите се сведени на минимум.

Сепак, Нагар е физичар а не специјалист за мравки. Овие вториве велат дека барем некои видови мравки сепак се обидуваат да ги престигнат останатите на „мравјиот автопат". А кога нивниот број е навистина голем, тогаш се можни и заглавувања.

Ако баш ве интересира равенката на Ланжвен според која Нагар го објаснува движењето на мравките ѕирнете тука.

26 јануари 2015 - 17:44