За е-цигарите од луѓето што прават обични цигари

Тутунар во електронска кожа

Ако не му верувате на доктор за никотинот, тогаш барем треба да им верувате на луѓе што прават цигари, а според нив - никотин е никотин, без разлика дали е од тутун или од пареа.

Нешто слично како со печатените весници и интернетот, производителите на регуларни цигари со време го имаат сватено пазарот и почнаа да произведуваат и електронски цигари. Она што е чудно сега, е што тие на своите производи ги имаат едни од најсилните здравствени предупредувања во индустријата за е-цигари.

Алтриа (екс Филип Морис) на предупредувањето на нивните течности за електронски цигари го има предупредувањето: "Никотинот создава зависност и навика, и е многу токсичен за инхалација, во допир со кожата или ако е проголтан."

Од Рејнолдс Америка (Камел) предупредуваат дека нивните производи за електронски цигари не се наменети за лица: "кои имаат проблеми со срцето, висок крвен притисок или дијабет; или за лица кај кои има ризик од срцеви заболувања, или се на лекарства за депресија или асма."

За разлика од предупредувањата на регуларните цигари, тука производителите на сосема доброволна база се одлучиле да ги објават овие предупредувања.

Докторите и експертите што со години се борат против тутунската индустрија комплетно се збунети од вавкиот потег. Тие претпоставуваат дека мотивот е или компаниите уште со време да се изолираат себе си од идни тужби, или пак да изгледаат одговорни и отворени.

"Фактот дека овие компании доброволно предупредуваат за е-цигарите е тотално орвеловски. Тие се' прават од легални причини, инаку би престанале да го произведуваат најсмртоносниот потрошувачки производ на светот," објаснува Роберт Проктор, професор по истроија од Станфорд, кој ја изучува тутунската индустрија.

Друг сомнеж околу добронамерноста е дека тие тоа го прават за да се наметнат како кредибилни партнери пред луѓето што носат закони, па кога ќе дојде време да може да извадат закони кои ќе бидат во нивна корист (а на штета на малите производители на е-цигари).

Паралелно со големиве, има стотици мали производители на е-цигари, кои стигаат до таму (неиздржано) да ги фалат своите производи дека се секс стимулатни, дека помагаат против несоница, па дури и дека ќе ве ослабат.

1 октомври 2014 - 09:57