Теорија и пракса: доктори и парични бонуси

Американскиот проблем со здравството е што неколку децении имаат "ескалација на трошоците без споредливо подобрување во квалитетот." Неодамнешно решение што американските власти го смислија за проблемот е воведување на "плаќање според резултати", и во пракса значи дека докторите добиваат бонуси за одреден "квалитет во стандардите за грижа."

Оценувањето на квалитетот се базира на повеќе ставки од демонстрирање дека ги спровеле процедурите што треба да се дел од некој третман или терапија, до создавање позитивен здравствен резултат (го излечиле човекот).

Економистите тврдат дека такви финансиски резултати ги мотивираат докторите да ги подобрат своите перформанси и да ги зголемат приходите. Во теорија "плаќање според резултати едноставно не функционира. Што е полошо најдобрите докази покажуваат дека давањето дополнителни пари на докторите за да направат нешто за што се обучени може да има лоши последици кои дури ќе му наштетат и на здравјето на пациентите."

Британците на слична ваква иницијатива во последните 12 години имаат потрошено над 12 милијарди долари. Американската програма само на документирање на постапките на докторите (дали ефикасно и квалитетно си ја завршиле работата) ќе треба да потроши 15 милијарди долари. Во овие пари не е влезен ни цент од бонусите.

Авторите на текстот во Вокс го критикуваат планот за бонуси по две основи: прво, тој премногу се базира на економска теорија бидејќи не постојат емпириски студии за него. Второ, студиите што покажуваат дека бонусите ги подобриле здравствените исходи од работата на докторите имаат фатални грешки (односно позитивниот здравствен тренд го припишуваат на исплањето бонуси, иако тој започнал многу пред тоа да се случи).

Неуспешноста на "плаќање според резултати" е евидентирана и во последната студија на американскиот Центар за контрола на болести, која покажува дека позитивните студии на темата доаѓаат со грешки во методологијата. Како пример тие ја наведуваат Британија, каде долги години пред воведувањето бонус за подобри резултати од лечењето висок крвен притисок има ефикасна терапија за истото. Освен ова со тек на време самите доктори стануваат подобри во идентификувањето на пациентите со висок крвен притисок. И покрај тоа првичните студии наведуваа дека "плаќањето според резултати" е причината за подобрувањата во ова поле.

Во Британија слична е ситуацијата и кај дијабетесот, чиј третман иако бележи подобри резултати секоја година од 1998-ма, студиите ја наведуваат 2004-та како годината кога се случува голем позитивен ефект.

Една од најубедливо негативните студии за британската програма за бонуси опфаќа околу 400.000 пациенти со висок притисок и ги следи месечните податоци за секој од овие пациенти.  Студијата покажува дека "плаќање според резултати" програмата е воведена на средина од позитивниот тренд на лечење на пациенти со висок притисок.

"Очигледно е од нагорната линија дека зголемувањето на платата не го предизвикало растот.

Ова е многу важно: програма од 12 милијарди долари која ги поврзува приходите на докторите со мерките на квалитетот на здравствената заштита немала никаков ефект," пишуваат Стивен Сумерари и Рос Копел во текстот за Вокс.

Според двајцата постојат повеќе причини зошто ваквите субвенции кај докторите не успеваат:

- Прво докторите веќе и онака добиваат надомест за препишување на лекови за висок притисок.

- Второ, програмата најчесто е лоша и има погрешни мерила за квалитет на работа, на пример може да ги казни докторите што не препишале антибиотик на пациент кој е алергичен на антибиотици.

- Трето, има докази дека ваквите правила може да бидат и на штета на пациентите бидејќи поттикнуваат "неетичка пракса", односно докторите се обесхрабрени да ги лекуваат најболните и најскапите пациенти; туку ги поттикнува да ги избираат само најздравите, најактивните и најбогатите пациенти.

Или како што се изјаснува водечкиот економист за здравствена заштита, Уве Рајнхард: "Замислата дека сечиј професионализам и сечија добра волја може да се купи со бакшиш е бизарна."

"Наместо наметнување пристап со субвенции и казни, политичарите треба да се обидат да ги идентификуваат причините за лошите перформанси. Наспроти бројките кои можат да бидат наместени, докторите и сестрите бараат конкретни информации кои можат да ги искористат за подобрување на негата и заштеда на пари. Еден од најславените успеси на американската медицина вклучува користење доктори, сестри и фармацевти за советување ранливи постари луѓе кои се отпуштени од болници и нивно следење додека се дома за да им помогнат редовно да ги земаат лековите и да останат здрави. Оваа програма успеа да избегне скапи и болни враќања на пациентите во болница.

Ние исто така треба да размислиме околу улогата на апстрактната економска теорија и дубиозниот економски модел во носењето политики. Иако добар дел од човечкото однесување може да биде припишано на едноставни финансиски стимуланси, тоа не важи за сето ниту треба да важи. Ова не е само академски аргумент. Америка троши многу повеќе на медицинска грижа од која било друга нација но добива само второкласни резултати. Ни треба подобро истражување и пореалистична теорија кои ќе ги водат нашите инвестиции во здравјето," пишуваат двајцата автори, инаку професори на Харвард и Пенсилванија.

26 јануари 2017 - 11:09