Пневмонијата е исклучително здрава работа, за профитот

Мартин Шкрели сите го знаеме и сите го мразиме како бескрупулозниот ѕвер кој посака да заработи милијарда долари подигнувајќи ја цената на лекот Дараприм. Во сенка, со слична финта, само малку корпоративно подобро спакувана, некои заработија не една туку 28 милијарди долари. 

Пневмонијата сите ја знаат и никој не крева посебна бука околу неа. Бучавата е резервирана или за поединечни говеда како Мартин Шкрели или пак за сезонските хистерии од типот на вирусот Зика.

Па сепак, пневмонијата е главниот убиец на дечиња помали од 5 години во земјите во развој. Речиси еден милион деца годишно умираат од пневмонија. На секои 35 секунди по едно дете исчезнува од овој свет заради болеста за која има лек.

Во меѓувреме, фармацевтските гиганти како Pfizer и GSK (GlaxoSmithKline), направија милијарди од вакцината. Да бидеме попрецизни - 28 милијарди долари од 2009-та до сега. Последниот финансиски извештај на Pfizer покажува дека лани компанијата заработила (само на оваа вакцина) две милијарди долари повеќе од претходната година. 

А вакцината која е ефикасна (PCV) секоја година станува сè поскапа. Да се имунизира едно дете денеска чини 68 пати повеќе отколку во 2001-ва година. 

Лекарите без граници моментално се во кампања на вакцинирање во Централна африканска држава каде само 13 проценти од дечињата до една година имаат примено вакцина. Бројките се лоши и во Екваторијална Гвинеја, Јужен Судан, Сомалија....

Светската здравствена организација препорачува целосно, што значи повеќефазно вакцинирање на децата без разлика на нивната возраст. Но, според програмата на ГАВИ (Global Vaccine Alliance), се вакцинираат само најмалите, оние над 1 година се оставаат непокриени. А Гави практично држи монопол врз меѓународодната програма за имунизација. Се работи за една моќна јавно-приватна организација со седиште во Швајцарија, која зема пари и од држави и од моќни приватни фондови како оној на Бил Гејтс кој редовно бутка про-корпоративни и неолиберални агенди и кои имаат инвестирано во големи мултинационални компани како Волмарт, Мекдоналдс, Кока Кола, БП или Шел. 

Преговори за намалување на цената траат уште од 2009-тас но безуспешно бидејќи фармацијата тврди дека не може да оди подолу а притоа да не се загрозат перспективите на нивните истражувања неопходни за вадење нови или подобри медикаменти.

Лани во ноември се протестираше пред канцелариите на Pfizer кога активисти истураа кутии со лажни пари кои ги симболизираа 17-те милиони долари профит кои оваа компанија го прави вакцината. Секој ден!

11 февруари 2016 - 16:08