Луѓето мислат дека цедениот сок е добар за нив, и многу грешат

Текстот за Вашингтон пост го пишуваат три специјалистки (докторки и професорки) за дијабетес, и го почнуваат со случајот на една госпоѓа (со навика да пие цеден сок секој ден) која оди на доктор за редовна проверка, а од таму излегува со дијагностициран дијабетес. И ова ништо посебно не ги зачудува трите, "цело време гледаме вакви пациенти, кои од една или друга причина веруваат дека цедениот сок е здрава храна."

"Вистината е дека сокот од овошје, дури и ако е тазе цеден, 100-процентен сок, е малку повеќе отколку вода со шеќер. Сепак, голем број Американци веруваат дека сокот е добар за нив," пишуваат Хедер Ферис, Елвира Исганаитис и Флоренс Браун во текстот за Вашингтон пост.

Откако чистата алчност надополнета со желба само да се бута нешто по цел ден и приучени тренери и експерти за нутриционизам, успеаа да претворат една инаку освежувачката разумна навика повремено да се пие цеден сок, во загрижувачки штетна пракса, сега докторската позиција се повеќе се наклонува кон тоа дека сокот, вклучително и свежо цедениот не само што не е здрав, туку е и штетен.

Авторките на текстот со неверување пишуваат дека 1 од 3 родители на мали деца веруваат дека сокот е барем здрав колку и самото овошје.

"Ние сме преплавени со пораката дека сокот е здрав. Џус баровите се насекаде околу фитнес клубовите, спа центрите и продавниците за здрава храна, додека владините програми снабдуваат огромни количини сокови на децата со ниски приходи и трудните мајки," се објаснува во текстот.

Па додека цел интернет го исмева Џусеро соковникот, според нив проблемот со соковникот (и сите слични на него) е сосема поинаков: производот зема здрави овошја и зеленчук и ги претвора во нешто многу помалку здраво.

Според нив грешката што ја прават луѓето е забуната дека ако некое овошје е здраво во својата оригинална агрегатна состојба, тоа сигурно ќе биде здраво и кога ќе го претворат во сок.

"Ама кога правиш сок, ти ги оставаш на страна некои од најздравите делови од овошјето. Лушпата од јаболкото, семките од малината и мембраната од портокалот - сите тие работи се добри за тебе. Токму таму е најголемиот дел од влакната, како и голем број антиоксиданти, фитонутриенти, витамини и минерали. Влакната се добри за твоите црева; те прават најаден и ја забавуваат апсорпцијата на шеќерите што ги внесуваш, што резултира со помали скокови на инсулинот. Кога твоето тело повеќе не може да се справи со твојата потреба за инсулин, ти може да развиеш тип 2 дијабетес.

Кога ги пиеш калориите наместо да ги јадеш, твојот мозок не ги добива истите сигнали дека си најаден како што е случајот со цврстата храна, иако притоа на крај си консумирал далеку повеќе калории.

Додека портокал може да содржи 45 калории, чаша сок од портокал од 220 милилитри има 110 калории.

Ние секогаш ги советуваме пациентите да ја џвакаат својата храна; луѓето обично претерано ги консумираат течните калории. Плус, може ќе се чувствуваш најаден по пиење чаша цеден сок или смути, ама ова чувство брзо ќе го снема бидејќи течноста брзо излегува од стомакот...

... Кога истражувачите им дадоа на возрасни да изедат јаболко - како цело овошје, каша од јаболко, сок од јаболко или сок од јаболко со додадени влакна - 15 минути пред големи оброци во текот на денот, во деновите кога го јаделе како цело овошје тие внеле помалку калории за време на оброкот. Џвакање стварно се брои," објаснуваат авторките.

За сериозно изместената перцепција да се врати во нормала тие препорачуваат прво на сокот да се декларира како што треба, како благо, како повремено честење. И дека на него не му е местото во појадокот, ниту после вежбање. Следно, посебно сокот во тетрапак, да се тргне од дофат на деца, и да се замени со вода или млеко (долготрајно). Млекото е избрано затоа што не само што содржи една третина од шеќерите на сокот, туку е извор за протеин, калциум, витамин Д и магнезиум, сите работи што се потребни за децата.

"Иако не можеме да ја решиме епидемијата на дијабетес и дебелина со кој било еден потег, ребрендирањето на сокот од здрава храна во благце би било значителен чекор во прав правец," порачуваат авторките.

2 мај 2017 - 11:42