Ќарот од ќелавењето

Уште од првиот момент кога имаат пристап до огледало мажите се во паника дека нивните скалпови ќе останат сами на себе, па анегдотата од римско време е дека лаворовиот венец што Цезар го носи на глава многу повеќе е негов обид за сокривање на ќелавоста, отколку некаква посвета на боговите.

Ако во тоа време рецептите против ќелавост се базирале на измет од гуски (кај викинзите), измет од гулаби, рен, кумин и коприви (Хипократ, инаку и самиот ќелав), изгорени боцки од еж измешани со зејтин со мед, алабастер, црвеница (антички Египет), денес спасението (кое инаку го нема) се бара во скапи кремови, пилули, тоници и шампони.

Годишно, оваа индустрија, вклучително перики и операции за пресадување коса, заработува 3,5 милијарди долари. Како што пишува Бибиси "ова е повеќе од целиот национален буџет на Македонија, или, како што Бил Гејтс забележа минатата година, далеку повеќе од она што го трошиме на борба против маларијата (околу 200 милиони долари годишно)".

Опседнатоста со имањето коса ја дефинира една анкета од 2009, според кога 60% од мажите попрво би имале коса (комплетно), отколку пари или пријатели.

И покрај овие општонародни обиди за покривање на скалпот, Бибиси објаснува дека постојат се повеќе докази дека ќелавите глави не се еволуциска грешка, туку напротив "ќелавите мажи се сметаат за поинтелигентни, доминантни и со повисок статус." Во исто време треба да се биде на чисто и дека ќелавите мажи не се поплодни, и немаат повисоки нивоа на тестостерон, иако знаат да имаат повлакнести раце, нозе и гради.

Самата ќелавост ја предизвикува еден нуспроизвод на тестостеронот, ДХТ односно дихидротестостерон. Овој е еден од најважните хормони во развојот на машките гениталии. Кај одредени мажи тој предизвикува фоликулите од влакната коса да се сушат. Тоа што ДХТ е производ на тестостерон не значи и дека неговата количина е одредена од количината на тестостерон кај мажите. Односно равенката не е: повеќе тестостерон = повеќе ДХТ = помалку влакна.

"Всушност доволна ти е многу мала количина на ДХТ за ќелавеењето да започне. Она што ги одделува оние со ќелави глави е сензитивноста на нивните фоликули, која ја наследуваат од нивните мајки.

Фактот дека тоа е наследно е клучен. Додека да го стигнат 30-от роденден 25 до 30% од мажите имаат одредено ниво на загуба на коса. И ова важи за секоја етничка група," објаснува Зарија Горвет во текстот за Бибиси.

Нејзиното прашање е - ако е толку често, а до сега нема изумрено како појава преку еволуцијата, дали тоа значи дека тоа е некако корисни, и ако да, зошто тоа им се случува само на мажи?

Одговорот е од психолог од Бери Универзитетот, Франк Мускарела, кој објаснува дека "во природата кога мажите имаат нешто што жените го немаат, тогаш тој знак е толкуван како сигнал."

Мускарела објаснува "тоа вообичаено е поврзано со доминација и повеќе шанси за репродукција", односно ќелавоста може да биде човечкиот еквивалент на пердувите на паунот, и може да еволуирала затоа што е привлечна за жените.

Продолжението од текстот околу ќелавоста, тука.

24 септември 2016 - 15:23