Интервју со човек кој преживеал ебола

Заебана болештина е тоа. Почнува како обична треска за по неколку дена да прерасне во кататонички грчеви а пациентот крвари од очите и ректумот. Вирусот убива преку 90 проценти од заразените. Пар зборови со еден од оние кои куртулиле.

Vice: Кажи ни нешто за себе?

Јас сум Саа Сабас, роден 1962-ра во Брегот на слоновата коска. Татко ми беше медицинско лице во француската армија. Тој ме учеше за медицина па подоцна и јас работев како медицински техничар во една болница во Гвинеја.

Таму се разболе?

Да. Се грижев за еден пациент кој ми беше колега, односно пензиониран медицински техничар. Тој беше еден од првите кој беше заразен. Долго време се грижев за него. Го бањав, го хранев....

Значи од него си закачил ебола.

Да. Кај мене почна како треска. Кога така се разболувам, обично земам парацетамол и ми поминува. Овојпат, треската не проаѓаше. Памтам кога еден доктор ми ги наброи симптомите на ебола. Веднаш отидов на преглед, не отидов ни до дома. Ми рекоа дека ќе треба да ме набљудуваат 21 ден. Но, веќе утредента ми соопштија дека сум заразен од ебола.

Како се чувствуваше во тие моменти?

Имав чудни напади на треска, со висока температура до 40 степени. Два дена така па третиот добив дијареа. Таа траеше 4 дена и на седмиот ден добив дизентерија. Бев исцрпен. А потоа почнав да икам.

Што беше најлошо?

Икањето.Грлото ми беше лом, не можев да јадам. Претходно сум имал и треска и пролив, но ова со икањето ме преплаши. Начув дека многумина умираат токму во таа фаза на болеста.

Сè на сè, колку време беше болен?

Два дена треска, 4 дена дијареа, три дена дизентерија и 4 дена икање. Вкупно 13 дена, но сето тоа време бев добро негуван и под постојана медицинска контрола.

Што се случи кога ти стана подобро?

Кога ме пуштаа, луѓето од Доктори без граници со кола ме однесоа дома. Кога излегував од автомобилот, ме фатија за рака за да им покажат на моите соседи дека не сум заразен. Тоа беше голем гест од нивна страна. Потоа почнаа да ми приоаѓаат и пријатели и да ми честитаат на оздравувањето.  Денес ме викаат "Анти-Ебола Мен" или "Духот кој се врати".

Што работиш денес?

Со Црвениот Крст одам по селата и зборувам за мојот случај, за да знаат луѓето за што се работи. Им викам "Мислите дека странциве би работеле со мене да бев заразен?" Стигматизацијата на болните е голем проблем.

 Која е твојата главна порака до луѓето?

Да го прекинат ланецот на заразување. Ако забележат симптоми, веднаш да побараат лекарска помош, бидејќи шансите за преживување се 50 проценти повисоки ако терапијата започне во раните фази на болеста. А вие медиумите не треба да престанете да зборувате за нас, луѓето од медицината треба да бидат охрабрени да бараат лек за еболата.

 

8 август 2014 - 09:58