Холандското село каде сите имаат деменција

Интересен здравствено - социјален проект во Холандија: дом за стари лица во стилот на „Шоуто на Труман".

Изолираното место Хогевеј се наоѓа во близина на Амстердам, и всушност претставува дом за грижа за стари лица, во големина од околу 10 фудбалски игралишта. Но не е толку до големината на местото, колку до начинот на кој е осмислено.

Со само 152 жители, тоа е верзија на „Шоуто на Труман", бидејќи сета сценографија е прилагодена на пациентите кои не само што се главно стари, туку страдаат од Алцхајмер и деменција. „Селото" си има плоштад, театар, парк и пошта, но и бројни камери кои ги следат жителите секој момент, болничарите се облечени сосема обично, и има само една врата за влез и излез од местото. Пријателите и семејството можат да доаѓаат на посета, но и не мора тоа да го прават често, не само затоа што нивните блиски нема да се сеќаваат кога овие дошле последен пат, туку и затоа што тие се обезбедени со сè што им треба. Следењето на пациентите покажало дека ним им се потребни помалку лекови, дека тие јадат подобро, живеат подолго и изгледаат порадосно отколку пациенти во стандардни домови за стари.

Жителите се групирани по шест или седум во куќа со по еден или двајца болничари. Има 23 уникатно стилизирани домови, со мебел и апарати отприлика од времето кога запираат спомените на оние кои живеат во нив. Некои куќи личат како да се од 1950-тите, други од 70-тите и 2000-тите. Иако градот делува сосема обично и има продавници, пари не се користат туку се' е покриено со месечната „кирија".

Хогевеј првично бил финансиран од холандската влада, а неговото градење чинело повеќе од 25 милиони долари. Трошокот за грижа е околу 8.000 долари месечно, но владата во различен степен покрива дел од него, така за семејствата да не се оптоварени повеќе отколку што би биле доколку се одлучат за вообичаениот дом.

Она што за останатите е обична фасада, за овие луѓе изгледа како реалност, што може да им помогне да се чувствуваат нормално. Психологот Доналд Спенс го дефинира концептот како „наративна реалност", во која приказни и места помагаат да се поврзе „вистинскиот" свет со таков кој човек полесно може да го разбере и да го преживее.

Сега експерти од целиот свет се собираат во гратчево за да видат како функционира и да го прилагодат на нивните средини. Можеби ова не ја лечи деменцијата но е пат за промена на концептите како да се грижиме за оние кои веќе не можат да се грижат за себеси.

18 ноември 2014 - 12:57