100-процентни педијатри против 100-процентни овошни сокови

Американската академија за педијатри има еден совет за родители и еден за деца. За првите: сокот нема никаква есенцијална улога во здравата и балансирана исхрана на децата. За вторите: пробајте да не пиете сок.

Наместо тоа, ако ви се јаде нешто со овошен вкус и освежувачко, изеди парче овошје. Ако си жеден, напиј се вода.

Сите работи што се позитивни кај соковите: одличен извор на витамин Ц, витамин А, калиум, антиоксиданси и слично, важат и за овошјето, со таа разлика што целиот плод плус содржи и хранливи влакна. Овие влакна пак се добри за тебе затоа што го контролираат нивото на шеќер во крвта, го намалуваат холестеролот и помагаат во чистење на дебелото црево. Плус, заради самата агрегатна состојба потребно е подолго време да се изеде едно овошје, отколку да се испие сокот што тоа го содржи, што исто така директно влијае на спречување на дебелеењето.

"И покрај сето ова, сокот останува популарен напиток за деца и тинејџери. Кај Американците на возраст од 2 до 18 години, половина од овошјето што го консумираат доаѓа во форма на сок.

Педијатрите велат ова треба да се промени. Позицијата на Академијата во соопштениот од понеделникот се сведува на: 'Сокот од овошје не нуди никаква хранлива предност во однос на целото овошје,'" пишува Карен Каплан во текстот за Лос Анџелес Тајмс.

Од Академијата даваат нови насоки за деца групирани по возраст:

- Новороденчиња помали од 6 месеци: никаков сок. Во овој период само може да се дои или да му се дава формула. Ако млекото се замени со сок, се ризикува бебињата да останат без потребните протеини, масти и хранливи состојки како калциум, железо и цинк. Сокот не само што не помага, туку може да биде и штетен.

- Новороденчиња од 6 месеци до 1 година: во ова време бебињата почнуваат да јадат цврста храна, и овошјето - најчесто како каша - треба да стане дел од нивната исхрана. Меѓутоа и понатаму, во најголемиот дел од случаите течностите треба да бидат ограничени на млеко од цицање или формула, и вода.

Ако родителите решат на оваа возраст да им даваат сок на своите деца, педијатрите ги даваат следните совети:

- Ограничување на 120 мл. на ден.

- Сокот да се дава во чашка, не во шише.

- Бебињата да не се легнуваат со шише сок што ќе можат да го цицаат цела вечер.

- Деца до 6 години: тука родителите се во незавидна позиција затоа што оваа група и онака претерано консумира сок бидејќи им е вкусен, плус е погодно спакуван и може да се транспортира наоколу цел ден.

Меѓутоа родителите и понатаму треба да ги поттикнуваат своите деца да јадат цело овошје наместо да пијат сок. За да ја нагласат својата поента од Академијата го споредуваат овошниот сок со газираните сокови "како и газираните сокови, и тој придонесува кон енергетска нерамнотежа", што на докторски јазик значи - внесуваш премногу калории.

Ако родителите инсистираат на давање сок, количината треба да биде ограничена на 120 милилитри на ден кај возраста меѓу 1 и 3 години, и 180 милилитри на ден кај децата на возраст меѓу 4 и 6 години.

- Повозрасни деца и тинејџери: До 7 години децата природно го олабавуваат сокот, ама и на таа возраст тие не би требало да пијат повеќе од 240 милилитри на ден - што е еднакво на половина од нивниот дневен внес на калории од овошје.

Децата и родителите треба да внимаваат и на тоа дека овошен сок и овошни пијалаци не е иста работа. Разликата е во тоа што сè што е под 100% овошје мора да биде обележано како овошен пијалак, коктел или напиток. И тие можат да бидат дополнети со витамини или калциум, а често пати и со шеќер и други вкусови.

Иако научниците се борат околу улогата на сокот, она за што се сигурни од Академијата е дека овошниот сок "нема никаква есенцијална улога во здрава и балансирана исхрана кај децата."

23 мај 2017 - 13:07