Угоре, угоре, Калино моме

Можете ли денеска да се качите на планина (минимум 1.200 метри) па утре на друга, па задутре на трета... за после 365 дена да прокнижите вкупно 576 освојувања на врвови? Сејте мирни, пошто не можете ни вие ни ние, ние ќе пишуваме, вие ќе читате.

51 годишна жена од Њу Хемпшир е првиот човек кој го комплетираше таканаречениот "Предизвик на Белите планини" за само една година иако истиот предизвик на некои алпинисти им е животна мисија.

Сју Џонсон ги искачила сите врвови во нејзината држава кои се повисоки од 1.200 метри во јануари. Па потоа истото го повторила во фебруари, па во март, па во април, па во мај..... Вкупно 576 освојувања на врвови во рок од 365 дена.

А базичниот предизвик наречен Грид е да се освојат сите тие врвови без разлика на времето.  Поточно, на крајот од планинарската кариера да го имаш штиклирано секој од 48-те врвови во секој месец од годината, без разлика колку години ќе ти трае потфатот.

Само 70 планинари ја имаат комплетирано оваа задача, меѓу нив и самата Џонсон во 2003-та година. Но, со тоа што таа успеа сето ова да го постигне во рамките на една единствена година, рампата е подигната толку високо што прашање е дали и кога некој друг ќе успее да го постигне истиот скор.

Прашана зошто го направила тоа, Џонсон рекла дека ужива да биде надвор и да се пентари по планини.

Чиста работа.