Не постои такво нешто како "дроља"

„Дроља" или „ороспија" е едноставно навредлив термин кој дури (или особено) помеѓу жените служи за воспоставување хиерархија и за меѓусебно контролирање. Има и класни разлики во тоа кое однесување жените го дефинираат како курвинско.

Во 2004, две жени кои одамна завршиле факултет, си зеле соба во студентски дом и почнале да работат на истражување кое траело пет години. Елизабет Армстронг, професор по социологија на Универзитетот Мичиген и Лаура Хамилтон, која сега исто така предава социологија, сакале да го испитаат секојдневниот живот и ставовите на студентите, и како што Џејн Гудал ги истражувала однесувањата на животните во џунглите, така и тие ги набљудувале „субјектите" во нивната природна околина.

Во текот на тие пет години биле интервјуирани 53 жени, од времето на нивното запишување до првата година по дипломирањето. Резултатите од истражувањето послужиле како основа за книгата „Плаќање за забавата", која зборува со тоа како факултетските искуства ја поттикнуваат нееднаквоста. Женските животни траектории биле определени не само од парите кои ги заработувале по диломирањето, туку и од тоа колкави долгови им оставило студирањето, колку помош можеле да очекуваат од родителите, какви им биле социјалните мрежи итн. Но економската нееднаквост значајно влијаела врз нивните ставови и во текот на студирањето. На пример врз оние поврзани со соодветното сексуално однесување.

Истражувачките сведочеле ситуации кои тие ги опишуваат како „драми", кога студентки кои истовремено и работеле и биле од посиромашни семејства оделе на посета кај нивните дечковци, а попривилегираните девојки го опишувале тоа однесување како „курвинско". Slut shaming, или посрамотувањето на други жени заради нивниот наводно „лабав" сексуален морал, бил најчестиот начин за навреда помеѓу самите девојки. Притоа, секоја од нив можела да биде и цел, но и поттикнувач на ваквото срамотење.

Побогатите девојки го сметале имањето необврзувачки секс како проблематичен само ако тој се прави вон стабилна врска, и кога вклучувал вагинален однос. Истовремено, „мувањето" кое вклучува бацување и орален секс, според нив не е „курвински". „Мислам дека таа што има секс со многу машки кои не ѝ се дечковци, тоа е вистинска дроља", изјавила една од нив.

Посиромашните девојки не ни знаеле дека „мување" не вклучува вагинален однос, но исто така сметале дека што и да е од наведеното би требало да се одвива во рамки на врска. И двете групи различно го дефинирале „курвинството", но ниту една од дефинициите всушност немала голема врска со сексуалното однесување. Богатите на тоа гледале како на „валканост", или на што и да е кое не се совпаѓа со начинот на облекување и однесување на жена од високата средна класа. Непристојната облека дури и може да помине, ако се носи пристојно - на пример ептен кратка сукња, ама под услов да не играш претерано провокативно во неа.

Посиромашните пак ги сметаат за „курвински" карактеристики дрскоста и навиката на побогатите девојки да се групираат во банди или „стада". „Сестринствата на пример се некако курвински и непријателски настроени".

Армстронг вели дека до средината на нивното студирање, ниту една од овие жени немала пријателка во другата група. А ако некоја и се обидела во тоа, особено ако била од посиромашните, наидувала на моментално срамотење.

Она што е најинтересно, освен социјално-економскиот аспект на оваа поделба, е што иако очигледно сите се убедени во постоењето на курви, тие се како некои митски суштества, чиј изглед и карактеристики варираат во зависност од „народниот творец". Еднаш тоа е обична лажга која прави работи зад грб на другите, друг пат тоа е девојка која има секс пред сите.

„Терминот е толку неодреден и лизгав што никој не знае што е тоа дроља, или не знае што е потребно да направиш за да бидеш прогласен за тоа. Едноставно концептот беше толку често спомнуван, што сите беа загрижени да не им биде припишан ним."

Најсвежиот пример на „срамотење ороспии" од страшни размери се случи неодамна во Санта Барбара, кога пред да убие седумина, Елиот Роџер се заканил дека „ќе ја убие секоја расипана плава курва", бидејќи ниту една не сакала да спие со него.

За Армстронг, „слат" или „ороспија" е едноставно мизогиничен термин кој дури (или особено) помеѓу жените служи за создавање хиерархија и за контрола. Со други зборови, можеби вистински курви и нема, но последиците произлезени од срамотењето врз оваа основа се многу реални.

30 мај 2014 - 11:37