Миленко О'Нил: Земјата е рамна!

Кошаркарската легенда Шекил О'Нил се придружи на шарената групација стручњаци и интелектуални бардови што не веруваат дека Земјата е тркалезна. Аргументацијата му е генијална: Возел тој од еден до друг брег и сè му било рамно!

Тој за оваа тема се произнесе кога беше замолен да ги коментира ставовите на Кајри Ирвинг од Кливленд кавалирс, кој неодамна се прогласи за следбеник на теоријата за рамна планета.

„Вистина е. Рамна е“, сталожено пресуди Шекил.

По што се повика на емпирија:

„Видете вака, јас имам возено од источниот до западниот брег и мене ова срање ми е рамно“.

Бидејќи тоа не е сè што емпиријата му го сугерира, додал:

„А и цело време возам од Флорида до Калифорнија и пак ми е рамно“

Завршни поенти на големиот Шекил:

„Не навлегувам јас во тие работи околу гравитацијата, ама сакате да ми кажете дека Кина е под нас? Кина е под нас?? Не е! Земјата е рамна“.

Останува надежта дека Шекил всушност се заебава, ама добар дел од неговите фанови веќе се согласија со него.

Кајри Ирвинг, пак, ја обелодени својата верба дека Земјата е рамна во своето поткаст-експозе минатиот месец кога на своите следбеници им откри дека не постојат конкретни информации освен оние во кои некој сака да поверуваме.

„Тие ти наметнуваат насока во што да веруваш а во што не. Вистината е тука пред нас, само треба да тргнеш и да ја истражуваш“, порача овој неуморен истражувачки дух.

20 март 2017 - 17:01