Мажи од сите земји, покажете Zero Fucks Given

„Мажите кои одат по својот пат“ (МКОПСП) е движење кое ја промовира модерната машката сувереност. „Тоа е манифестација на еден збор - НЕ!“. Тие одбиваат да коленичат и да служат, да се прилагодуваат на општествените очекувања на тоа што значи да си „маж“, а истовремено да бидат третирани како потрошна стока. Самосвесниот маж се обидува да живее согласно своите интереси, во свет кој го спречува да го прави тоа.

„Многумина велат дека движењево е скорешен општествен феномен, но тоа не е точно. Би требало да ја поместиме камерата наназад. Кон Шопенхауер. Тесла. Бетовен. Галилео. Дури и кон Исус“, се вели на нивниот сајт . Самото име (Men Going Their Own Way, MGTOW, се чита "Мигтау") е изрека која датира уште од 1853.

Мажите низ историјата, во својата осама и без да бидат малтретирани од мрчаторски настроени сопруги, љубовници и ќерки, дошле до револуционерни откритија, до кои инаку никогаш не би стигнале, бидејќи под товарот на семејните обврски, р’мбајќи што и да е за да ѝ обезбедат егзистенција на својата, или за да им одат по ќеф на други жени, едноставно не би имале енергија да се занимаваат со нешто сериозно.

„Немам време за жена“, бил ставот на бројни големи (машки) умови. Додека нивните подвизи од страна на жените се нарекувани „идиотски ризици“, токму тие им овозможиле на жените да се качат на авион и да летаат од Њујорк до ЛА за 4,5 часа, а притоа да не знаат ништо за основните делови на еден авион.

Сè поголема група мажи одбиваат да се поведат по глупостите промовирани во медиумите, списанијата и во општеството во целина - дека тие се толпа агресивни глупаци. Ако навистина оној кој презема ризици е идиот, тогаш зошто воопшто да се ризикува, на пример со тоа што ќе се ожени?

Тоа не значи дека онлајн заедницата на МКОПСП не е хетеросексуална, или дека луѓето не сакаат повремени физички контакти со лица од спротивен пол. Но нивниот животен стил ги одбегнува правните и романтичните стапици кои ги подразбира врската со жена. Некои членови на движењето се заколнуваат на целибат, втори имаат секс само со проститутки, трети спијат со многу жени, ама не ги венчаат.

Медиумите имаат тенденција да го претставуваат движењето како пародично, но неговите членови се смртно сериозни. Не недостасува и нивно исмевање, како кога Вајс објавил профил на движењето илустрирано со фотографија на дебел маж во рачно направен суперхеројски костим на МКОПСП, како протестира на феминистичка конференција, држејќи плакат на кој пишува: „Феминизмот е изговор за женската сексуална неспособност“.

Ако можат жените да бидат себични и да си ја гледаат својата работа, па уште и да бидат ценети и наградувани за тоа, зошто па зошто тоа да не го можат и мажите. Тие се обидуваат да се однесуваат како „јато индиферентни ноеви“ (нојои, по маалски), водејќи се според паролата „нула секирации“ (zero fucks given).

За новите членови или за оние кои се уште не се сигурни во начинот на којшто треба да се однесуваат, движењето нуди и готови модели на одговори во различни ситуации. На пример:

Жените: „Живееш во подрум, играш видео игри и гледаш порно по цели денови“
Мажот: „Ми треба батерија за даљинското“
Жените: „Себичен си“
Мажот: „Аха.“

Ова не значи дека МКОПСП се само против женскиот тоталитаризам - тие не ги сакаат ниту „лошите момци“ кои ја шират и промовираат прекумерната, отровна машкост (женкари, набилдани фраери, самоуверени квази мангупи). Токму тие им даваат изговор и реална основа за бунење на феминистките. Па ете, барем во отпорот кон таквите, Мажите кои одат по својот пат и феминистките се на исто.

Сумирано, еве против што се бори МКОПСП:

  •  Феминистички двојни стандарди
  • Лажни обвинувања за силување
  • Корумпиран судски систем кој одлучува во корист на жените за семејни прашања (после развод, маж има 8 пати поголема веројатност да се самоубие отколку жена)
  • Жени-возачи (да им се одземат или колите или мобилните и кармините)
  • Мажи кои не одат по својот пат или го потхрануваат стереотипот за „типичниот“ маж

Што и да мислите за овие мажи, нивните барања прават еден здрав баланс со често гротескните радикални женски движења. Големите мажи во историјата и онака веќе имаат дадено толку многу, што модерниот маж може и малку да одмори. Ние, еве, ќе почнеме веднаш.

21 октомври 2016 - 09:02