Кој ја сака сестрата на шефот?

Сестрата е 29-годишната Ким Јо-Џонг, шефот е 33 годишниот семоќен господар на Северна Кореја Ким Јонг-Ун, кој тргнувајќи од старата корејска поговорка "после 30 ни ѓаволот нема да те омажи" реши да организира натпревар за избор на зет.

Госпоѓица Јо-Џонг, која неодамна беше избрана за член на ЦК на Северна Кореја, ќе треба да го одбере својот сопруг од списокот мажи што за нејзе ќе биде составен лично од нејзиниот брат.

Целата работа може да буди непријатни сеќавања кај Јо-Џонг, бидејќи во 2012-та Јонг-Ун организираше сличен натпревар на кој не успеа да се најде ниту еден маж кој може да ги исполни неговите очекувања (да, неговите).

Според британски Сан, условите за конкурирање се идниот сопруг да има дипломирано или да е студент на Универзитетот Ким Ил-Сунг, да биде висок најмалку 177 сантиметри и да има служено војска.

Јужно-корејските весници објавуваат дека девојката е одговорна за пропаганда, како и промовирање и закажување состаноци за Ким Јонг-Ун. Наводно таа е една од најзаслужните за пријателството меѓу нејзиниот брат и Денис Родман.

23 мај 2016 - 09:21