Човекот се крие во интонацијата

Што е разликата помеѓу тоа некому да му кажеш „ТИ треба да го направиш тоа", и „Ти треба да го направиш ТОА"? Ако страдате од диспрозодија - ништо.

Во тој случаj, ваквото различно нагласување едноставно не е можно, а со тоа стануваат непрепознатливи и нијансите на кажаното. Во тој случај зборувате монотоно, еднолично, некако софтверски.

„Диспрозодија" е најреткото невролошко нарушување на говорот, кое настанува главно како резултат на мозочен удар, тумор или повреда на мозокот, при што луѓето ја губат моќта да нагласуваат зборови, или пак ги нагласуваат на необичен начин.

Една од нејзините форми резултира со лажен странски акцент, кога на пример Норвежанец звучи како да го зборува мајчиниот јазик со индијски акцент, иако воопшто не го владее индијскиот, ниту пак некогаш го учел. Друг тип прави зборовите да не се нагласуваат онака како што тоа го правиме вообичаено, со намерни или спонтани паузирања и интонации, туку тие да се изговараат речиси роботски. Тоа може, иако не мора, да доведе и до неспособност да се пренесуваат емоции и на невербално ниво.

Обратното од диспрозодијата - прозодија - се состои од варијација во интонацијата, акцентирањето зборови и фрази, темпото на зборувањето, како и квалитетот на гласот на говорникот (дали е јасен, мрмори или е зарипнат). Нашиот сопствен идентитет, но и нашето мислење за другите често зависат од тоа како некој зборува, односно од неговата прозодија. Оттаму, нејзиниот недостаток само укажува на важноста на сите овие карактеристики на говорот, кои ги земаме здраво за готово, а прават огромна разлика кога отсуствуваат.

Еве еден таков неодамнешен случај, на Британка која по тежок напад на мигрена почнала да зборува како од „Ало, ало"

22 октомври 2014 - 09:57