Часовникот што ќе го промени времето какво што го познаваме

Часовникот треба да е точен за на луѓето да им создава некаков ред во бескрајот. Новиот часовник е брутално точен, но, ако победи, ете ни хаос.

"Мое лично гледање е дека времето е човекова конструкција. Деновите, часовите, минутите и секундите се само начин на кој човекот става некаков ред во фасцинантниот и комплексен универзум околу нас", вели Том О Брајан, човекот кој за времето има време да размислува повеќе од нас.

Тој е официјалниот чувар на точното време во Националниот институт за стандарди и технологија во Булдер Колорадо, лично задолжен за надгледување на американскиот мастер часовник по кој се курдисуваат сите други.

Се работи за вонредно точна справа базирана на осцилациите на елементот цезиум со точност од 0.0000000000000001 секунда. Да беше наместен пред 300 милиони години, во времето на диносаурусите, и денес ќе беше точен до секунда.

Но, иако го познава повеќе од другите, О Брајан признава дека не би можел да го објасни времето. Него можеме да го мериме попрецизно од тежината или од струјата, па сепак одговорот што е тоа време не е лесно да се даде.

Мoжеби токму затоа што не го разбираме, затоа го мериме толку прецизно, пишува NPR.

Блиску до работното место на О Брајан, во една хаотична лабораторија полна со кабли и фолии, почнува да функционира еден друг часовник кој дополнително ги комплицира работите.

"Некогаш помислувам дека половина од овие кабли не водат никаде," вели еден од најупатените во тоа како функционира часовникот во чија срцевина се атоми на стронциум, заробени од ласерски зраци.

Новиот часовник држи перфектно точно време 5 милијарди години. Цела возраст на универзумот, без ниедно подесување. Поточно не може да биде.

И, тука почнува проблемот.

Времето не отчукува исто на сите делови од планетата. Токму во овој момент, времето на Монт Еверест тече нешто побрзо од времето во Македонска Каменица (башка што во Каменица не тече воопшто).

Дека брзината на времето зависи од силата на гравитацијата е јасно уште од Aјнштајн. И тоа не само во гломазни димензии. Ако земете часовник од под и го закачите на ѕид, времето ќе се забрза за еден врз 10 на 16-та. Новиот часовник умее да го регистрира тоа, дури и кога се работи за сантиметарско помрднување во вертикала.

И сега замислете го светот во кој работите на 10-ти кат а имате состанок во 15: 30 со некој кој работи на приземје. Кај вас 15:30 ќе дојде побрзо отколку кај него.

Во глобални рамки проблемот е уште поинтересен. Денешното точно време се темели на координација на атомските часовници ширум светот. Со новиот часовник не би било можно тие да се синхронизираат. Освен ако бидат пратени во космосот, еманципирани од силите на гравитацијата.

Се разбира, постојат и други финеси околу времето, но за нив ќе ве оставиме да се разберете со чичко Том.

6 ноември 2014 - 08:48