Брзај, брзај прваче на час по програмирање и лажни вести

Шведските деца уште во првата година во основно училиште ќе почнат да учат програмирање, како дел од напредните "аспекти за дигитална компетентност" додадени во наставната програма.

Измените се со цел земјата, која и онака е компјутерски и технолошки одлично поткована, да не се опушти во трката со технологијата, а за тоа тие сметаат дека е неопходно децата уште од мали да знаат како функционираат работите.

"Ова значи дека Шведска го презема пристапот што требаше да го имаме. Шведска треба да биде земја во која секое дете на училиште се подготвува за својата работна кариера, а запознавањето со програмирање треба да започне уште рано," објаснува министерот за образование Густав Фридолин.

Промените во образовната програма треба да започнат најдоцна од јули 2018, што значи дека Шведска уште од сега технички ја потковува генерацијата која влезе во работна сила на земјата дури во 2033 (под претпоставка дека ќе почнат да работат на 24 години).

Освен што ќе ги постави основите за програмирање, обуката ќе ја "издигне и нивната дигитална компетентност" преку лекции за тоа како да разликуваат меѓу сигурни и несигурни извори на вести и информации.

"Постои одредена наивност кога е во прашање информациско општество. Верба дека знаењето е само на еден клик од нас и дека нема потреба толку многу да сме образовани како некогаш.

А е сосема спротивно: треба да имаме основно познавање на читање, пишување и математика за да не нè прелажат, ама исто така треба да бидеме напредни во критиката на изворите на исто ниво како што на пример ги тераме да бидат студентите околу научната теорија.

Треба да знаеш на кого можеш да му веруваш, која е разликата меѓу сериозен медиум и пропаганда. И колку можеш да бидеш сигурен дека твојата претстава за вистината се базира на факти, а не на тоа како некој сака ти да размислуваш за одредени работи," порачува министерот.

15 март 2017 - 10:13