Што можат градовите на иднината да научат од брутализмот?

Според вообичаеното сфаќање, брутализмот бил 20-годишен експеримент (1955-1975), кој резултирал со интересни и необични градски пејзажи. Но модернизмот чиј изданок е брутализмот е минато, нашата верба во иднината е веќе на залез, па денешната архитектура треба само да реагира на она што веќе постои, а не да се занимава со храбри нови светови.

Или не?

Минатиот месец добитник на највисоката, Прицкерова награда за архитектура стана Алехандро Аравена (за што тука пишувавме). Неговите дизајни кои ги изработува за студиото Елементал од Чиле се целосно необруталистички - големи блокови наредени еден врз друг, и згради главно за социјално домување, што е исто така карактеристика на брутализмот.

Не само градењето нови, туку и освежувањето на постојните бруталистички згради е тренд - нивната бетонска јачина е нешто што се фетишизира и посакува. Во таков стил се неодамна реновираните (а стилски нечепнати) згради во Лондон, Шефилд и Израел.

На градовите на иднината добро би им дошло да научат нешто од брутализмот. И пред денешните градоначалници и урбанисти да се засркнат од неверување, еве зошто: брутализмот, едноставно, не е ни приближно лош како што е прикажан.

Не дека брутализмот на времето немал свои маани, како на пример ригидната поделба на луѓе и коли, и неговиот бесрамен длабок наклон пред моторот со внатрешно согорување кој доведе до создавање простори кои не се пријателски настроени кон пешаците, и подземни премини во кои никој не би сакал да се најде. Ова е голем недостаток, ама разбирлив бидејќи архитектите сакале да ги заштитат луѓето од сообраќајот - и во тоа време ова разделување на месото од металот се смета за мудрост.

Но ова е мала работа во споредба со добрите страни. Бруталистичките згради се наметнуваат себе си и изгледаат добро. Тие се издржливи и иконски и без да се трудат. Тие се архитектура како чиста уметност - скулпторски и апстрактни форми што ги тестира минувачот. И ни требаат уште такви.

Денешните "иконски" згради се кичести, дела за фалење кои изгледаат како ѓубре по неколку години: на пример поранешниот Музеј на поп музиката во Шефилд, или Musée des Confluences во Лион. За секој успешен Тејт Модерн или Гугенхајм Билбао објект има стотици кутри претенденти. Стариот Витни музеј на Марсел Бројер во Њујорк годинава повторно се роди како Мет Бројер - совршен простор за изложување уметност.

Бруталистичките згради се така градени за да оставаат на располагање голем некорпоративен, јавен простор, како плоштадот Нејтан Филипс пред Градското собрание во Торонто, или водните градини на Барбикан во Лондон. Таква великодушност во располагање со просторот за сечие уживање денес ретко се наоѓа, затоа што секое ќоше се пополнува со продавници, ескалатори и што и да е, само да не стои празно.

Класната поделба намерно е отсутна од бруталистичките згради. Светкавите кули кои денес ги имаме за богатите се пример за нееднаквостите, како "врати за сиромашни" или шилците против бездомници. Сите беа добредојдени во бруталистичките библиотеки, станбени блокови, цркви - пред 'одбранливиот простор' и индивидуалистичката ера од 80-те да се помочаат на овој сон. Во градовите на утрешнината овие навистина егалитарни простори можат да одбележат град кој навистина се грижи за своите жители.

Бруталистичките згради гледаа во иднината. Тие признаваа дека се вонземски, а некогаш и страшни, ама и различни од се што веќе беше присутно. Тие беа инвестиции во град, кои покажуваа на голема визија и оптимизам. Најголемиот дел од она што е изградено во последните 10 години најчесто изгледа како да е дојдено директно од минатото - посебно куќите, од кои најголемиот дел само подведуваат кон лажните престави што ги имаме за удобното минато.

Она што градовите на иднината можат да го научат од брутализмот е верата. Брутализмот е дело на верата, песна посветена на градот. Тој бил груб и цврст, ама такви се и градовите - тие не се селска идила. Ако повторно градиме вака тоа ќе покаже дека ги сакаме нашите градови и ги гледаме како места кои можат да бидат возбудливи, иновативни, фер, просперитетни и долготрајни.

Christopher Beanland

6 февруари 2016 - 16:29