Невестата на Заливот

Ова е официјалното име на проектот за изградба на највисокиот облакодер во светот, кој ќе биде сместен сред пустина, и за разлика од досегашниот галантен избор на пустини во кои се градат облакодери (Дубаи, Абу Даби, Саудиска Арабија), овој е предвиден да се издигне на локацијата на првата голема битка од ирачката војна - Басра.

Иако од тукашна перспектива на вестите изгледа сулудо да помислиш и трафика да поставиш во Ирак, изборот на Басра за локалците има многу логика. Прво, пред почетокот на владеењето на Садам, Басра беше метропола и еден од најбогатите градови на земјата.

Второ, денес, на безбедна оддалеченост од сите трагедии кои се случуваат на северот, опкружена со богати соседи и богата со нафта, Басра станува економска престолнина на Ирак. Нејзините 3 милиони жители успешно го градат целиот регион, а веќе почнаа да покажуваат и амбиции за автономија.

Освен локацијата на Невестата на Заливот, второ нешто што треба да се објасни е самата зграда. Висината со која ќе го соборува рекордот и е 1152 метри, од кои 964 можат да се искористат. За споредба, Џеваир зградите се високи околу 130 метри. Делот со "невестата" доаѓа од долниот дел од зградата, кој е предвиден како вел што ќе ги покрива неколкуте околни блокови.

Целиот проект е дело на ирачките архитекти АМБС архитектс, а за сега нема конкретни рокови за развивање на проектот.

25 ноември 2015 - 10:53