Koга 2 милиони градат еден дом

Како би требало да изгледа идеалното живеалиште? Анализирај каков вид имоти пребаруваат луѓето на интернет, и врз основа на ова обиди се да ги проектираш становите или куќите во кои тие би сакале да живеат. Вака отприлика изгледа шведската градежна логика.

Во антологискиот филм „Кујнски приказни" од 2003, еден тим шведски истражувачи сака да проектира ултимативната домашна кујна, која штеди време и енергија. За таа цел тие ангажираат набљудувачи, кои седнати на високо столче во кујната, без да проговорат ни збор, буквално го набљудуваат секое движење на домаќините - невозможна мисија што прераснува во трагикомедија.

На ова се сетивме кога прочитавме дека компанијата за недвижнини, Хемнет одлучила да проектира идеален дом, но со малку посовремен пристап - врз основа на пребарувањата на нивниот сајт, и тоа на дури 2 милиони корисници. Анализирани се 200 милиони кликови во период од јануари до октомври 2014, како и фотографии од топ 50-те имоти секоја недела, а потоа сето тоа е предадено на архитектонска фирма која врз основа на овие податоци исцртала план на идеалниот дом на Швеѓаните.

Во просек луѓето барале простори од по 100 квадрати, со околу 4 простории (3 спални и поголемо купатило), при што кујната не е посебна просторија туку дел од дневната. Боја која преовладува е бела, односно тоа е најчестиот избор за боја на ѕидови и шифоњери. Балконите и терасите на покривите се многу популарни, со оглед на тоа што во 2014 „балкон" се појавил 411,167 пати, што од него прави најпребаруван единечен збор.

Проектираната куќа оттаму е комбинација на едноставна, енергетски ефикасна зграда којашто е лесно да се изгради, но којашто е истовремено добро осветлена со природно светло и со широки внатрешни простори. Лошата вест (можеби не и за Швеѓани): ваквиот дом, доколку би се појавил на пазарот, би чинел повеќе од 300 илјади евра.

26 мај 2015 - 16:31