Креационизам, машала

Замислете бланширани и прсати девојки, седат пред вриштечки ориентален тапет и преку "идиот", на лош германски го пердашат Дарвин и целата таа лага со еволуцијата. Што има да замислувате, ела да ги гледаме.

Се работи за серија емисии на турската сателитската станица А9 ТВ (A9? Хмм...) наречена "Разговори за креационизмот" која оди на турски, германски, англиски, француски и руски јазик а е еден прилично бурлескен обид се искористи хидрогенски сексипил во име на фундаментални верски убедувања.

Четирите кокони седат пред тапет од чајџилница и од телепромптер (идиот) ги читаат "своите" мисли за заблудите на еволуционистите.

Домаќинка на емисијата им е Мерве (јак розев кармин, жолта шминка) која ќе им нафрли топка:

"Знаеме дека постојат луѓе на светов кои викаат дека сиот живот на планетава, вселената, ѕвездите, планините, рибите, инсектите... настанале туку така!"

На ова, колешките возвраќаат со жесток удар кон " лажливите дарвинисти" чии измами, ако даде Господ (иншала), ќе бидат брзо разоткриени.

Притоа, Дидем е најјака па ќе го каже/прочита ова:

"Секој кој на оваа тема ѝ пристапил разумно и свесно без да дозволи да биде манипулиран од претходно утврдени мислења, промптно ќе сфати дека луѓето и другите живи суштества не можат да бидат резултат на чиста коинциденција".

Потоа следуваат докази за овие тврдења во форма на цитати од Коранот а нашиот фаворит Гулсах (погодете која) ќе каже:

"Дури и дарвинистите полека сфаќаат дека нивната теорија е една голема измама."

Оваа серија емисии е пандан на неколку популарни американски емисии од сличен ков. Таму креационистите имаат неверојатно голема поддршка (по некои истражувања и до 46 проценти од популацијата). "Луѓето и диносаурусите живееле заедно а и ден денес сигурно има некој жив диносаурус," авторитетно тврдеше еден од креационистичките шамани на американска почва, Кент Ховинд, кој моментално лежи робија за парични измами.

Инаку, основач и директор на сателитската  А9 телевизија и самиот е еден живописен лик по име Аднан Октар од Анкара, кој претходно има пишувано книги под псевдоним а кога ќе се појави на телевизија, водителките обично го претставуваат како "прекрасен шеф и султан".

Господинот Октар изгледа вака:

9 февруари 2013 - 20:44