Германски тв кошмар за холивудските фаци

Додека некои од нас сè уште не можат да ја од-видат Неда Украден со фаца и говор на телото на Рамштајн од „Твоето лице ми звучи познато", во други контексти дефиницијата на „бизарно" во телевизиските шоуа е за неколку нивоа повисоко. На Германците на пример не им е доволно некој да е маскиран во Тома Здравковиќ, туку треба и да крши ореви со гз.

Можеби и немаше да се слушне шоуто за "Wetten Dass?" вон Германија, да не беа холивудските ѕвезди кои наивно договориле настап на него за да си ја билдаат популарноста во ова говорно подрачје, не знаејќи до крај што ги очекува.

Некои од нив длабоко зажалиле за одлуката, кога сфатиле дека 33 години старата емисија чиј наслов може да се преведе како „Се кладиме?" навистина ги потврдува стереотипите за Германците како чудни луѓе без смисла за хумор. Концептот е навидум едноставен: се покануваат познати германски и американски фаци, се интервјуираат во живо, а потоа се канат да присуствуваат на изведување потфати од страна на обични гледачи од публиката, за награда од 50.000 евра. Притоа, славната личност треба да се обложи на свој фаворит, но ако загуби треба да направи нешто понижувачко, како на пример да носи смешна капа или да го научи водителот како да врти хулахоп.

Надреалните моменти се случуваат кога „потфатот" се состои од кршење 50 ореви со задникот за една минута (патем, можно е). Или кога боксерот Владимир Кличко требало да се клади дали некој може да го идентификува материјалот од кој се направени неколку ВЦ капаци само со тоа што ќе седне на нив (и тоа се прави). Наоми Кембел морала да гледа како некој човек се обидува (и не успева) да смени автомобилски тркала додека лебди во воздух. 50 Cent пак гледал како човек идентификува автомобилски гуми само врз основа на нивниот мирис. Том Хенкс морал да носи мачешки уши, Хали Бери била терана да бакне некого од публиката, а Парис Хилтон седела во студиото со мешавина на досада, збунка и ужас.

И покрај навидум скроз глупото сценарио, тоа со години функционира во германското јазично подрачје: на неговиот врв го гледале 23 милиони луѓе во Австрија, Германија и Швајцарија. Дури и Папата се согласил да учествува, ама продуцентите го откажале откако рекол дека тоа ќе го стори само преку видео линк. На неколку пати шоуто ризикувало и целосно да замре откако неколку ризични потфати завршиле трагично, а и по некоја епизода со очигледни расистички тонови, кога жителите на Аугсбург биле повикани да се маскираат како црнче од некоја германска книга за деца. Оваа пролет пак поборниците за правата на животните биле скандализирани откако некоја пудлица била убиена среде шоу.

Можеби токму затоа, пред работите целосно да излезат од контрола, продуцентите и телевизијата ZDF на којашто оди шоуто најавија дека декемвриската епизода ќе биде последна, барем во блиска иднина. Можеби треба да ја викнат Неда?

5 ноември 2014 - 12:36