Скапо платена „ексклузивност“

Оние кои има поверуваа на „инфлуенсери“ како Емили Ратајковски и Кендал Џенер дека на Бахамите ги чека незаборавен фестивал и екстравагантна забава, завршиле како преживувачи во реално шоу, без вода и струја, во нешто што личи на камп за бегалци. Единствена утеха може да им биде дека организаторите ќе завршат уште полошо.

Организаторите на неславно пропаднатиот Фајр (Fyre) фестивал се соочуваат со тужба од 100 милиони долари заради измама на лица кои платија безобразно скапи карти за ексклузивен двонеделен музички фестивал на рајски остров на Бахамите, но наместо ВИП верзија на Коачела добиле „Hunger games“.

Зад фијаското стојат раперот Џа Рул (Џефри Аткинс) и Били Мекфарланд, шоу-биз претприемач (што некогаш е еуфемизам за ликови како Родни и Дел), кои ја започнаа фамата со приказна дека заради технички проблеми нивниот авион лани морал да слета на тој остров по што на прв поглед се вљубиле во него и решиле таму да направат грандиозен и незаборавен фестивал за одбрани луѓе.

Во рекламирањето фрлиле огромни пари за видео спотови и платени „уау“ од познати лица и тн инфлуенсери. Во кампањата учествуваа Кендал Џенер, Бела Хадид, Емили Ратајковски и уште 30-тина  познати лица кои на своите Инстаграми „едвај чекаа“ да започне фестивалот.

На посетителите им беше ветуван невиден луксуз, екстравагантна храна, дружење со модели и познати лица, супер музика и забава на приватен остров на Бахамите. Со таа идеја плаќале од 450 до дури 250.000 долари (?) за карти и сместување.

Го дочекал комплетно неспремен остров, без основни услови за живот како што се вода и струја а биле сместени во нешто што им личело на бегалски камп. Едни од хедлајнерите, Blink-182, откажале во последен момент и „елитната“ теревенка заврши како комплетна катастрофа.

 

5 мај 2017 - 13:07