Џони Деп и живот со 2 милиона долари месечно

Некаде во декември 2016 Џони Деп поднесе тужба од 25 милиони долари против компанијата што му ги менаџираше средствата со тврдење дека му ги спискале парите. Од компанијата вратија во стил "од тебе не можевме да дојдеме на ред".

Тој тврдеше дека компанијата ТМГ (The Management Group), не му го плаќала данокот, давала недозволени заеми и преплатила за "обезбедување и други услуги" што него го чинело десетици милиони долари и го довело до финансиски проблеми, за кои тврди дека станал свесен минатата година во март.

Како дел од тужбата ТМГ ги доставува и трошоците на Деп. Според поранешните менаџери месечните трошоци на Пиратот од Карибите изнесуваат околу 2 милиони долари.

На списокот расфрлање пари има:

- 75 милиони долари потрошени на купување, подобрување и опремување на 14 резиденции низ целиот свет. Тука се вклучени и замок во Франција, ланец острови на Бахамите, неколку куќи во Холивуд, пентхаус во Лос Анџелес и фарма за коњи во Кентаки. Секоја од неговите куќи е со комплет послуга.

- Милиони долари на 45 луксузни автомобили.

- 18 милиони долари на 45 метарска јахта.

- Лета само со приватен авион, што според ТМГ го чини околу 200.000 долари месечно.

- Има околу 70 колекционерски гитари.

- Околу 30.000 долари месечно се трошат на вино за негова лична консумација, кое се носи од сите краеви на светот.

- Има голем број скап накит. Според одредени извештаи по едно влегување во златара, тој излегува со дијамантски манжетни вредни 400.000 долари.

- Милиони долари на ретки и скапи холивудски предмети кои биле сопственост на ликови како Монро и Брандо.

- Милиони на купување и одржување на уметничката колекција која содржи над 200 предмети, меѓу другите и од уметници како Енди Ворхол и Жан-Мишел Баскијат.

- Има 40 вработени со полно работно време распоредени низ целиот свет, за кои плаќа 300.000 долари месечно. Тука е вклучено и лично обезбедување за него и неговото семејство 24/7.

- Низ годините има дадено 10 милиони долари за поддршка на неговите "пријатели, семејството и одредени вработени".

13 мај 2017 - 18:57