Директор на годината

Бесна што не работеле и за Божиќ, жена на Фејсбук ја отерува компанијата у три лепе. Директорот седнува и ја отерува неа во четири лепе, потсетувајќи ја дека Божиќ важи и за неговите вработени.

Една од најмизерните манифестации на капиталистичката понизност кон неговото височество профитот е онаа мудрост дека "муштеријата секогаш е во право". Тикви е во право, само затоа што е муштерија. Во право е оној кој е во право. Просто.

Водени од таа мудрост, компаниите обично ги трпат дури и најбезобразните и најдрски муштерии. На Фејсбук им се одговара пристојно на нивните пцовки, телефонските оператори слушаат долги тиради, се поднесуваат навреди, се одговара љубезно. Не затоа што компаниите се во суштина добри и љубезни туку само затоа што имаат фетиш кон нивното златно теле - парите, па во тоа име се спремни да бидат третирани и како стока.

За среќа, постојат и ретки а поинакви случаи кои докажуваат дека може и поинаку.

Во случајов се работи за компанија која продава некакви метални термоси.

Незадоволна од нивните услуги, им се сипува жена која (во капс лок, како што им прилега на бесните пациенти), ги прави пуздер на Фејсбук, дека ѝ го упропастиле Божиќ, притоа апелирајќи никој да не си има работа со таа компанија.

Директорот и основач на компанијата прво ги проверува ваквите обвинувања па оценувајќи дека се нефер седнува и ѝ пишува одговор на жената на истата Фејсбук страница.

Главно, дека и за неговите вработени постои Божиќ.

"На вашата прва поплака сме одговориле со меил во рок од 24 часа, објаснувајќи го проблемот со плаќањето. Потоа веќе другиот ден ви се имаме јавено и телефонски но сте ни затвориле слушалка. Кога нашиот човек ви се претставил, сте му рекле: 'Не сакам никогаш повеќе да слушнам некого од таа компанија!'. А за тоа дека мораме да работиме и за Божиќ, треба малку подобро да го почувствувате духот на празниците. Видете, во тоа време, моите вработени беа дома, со своите најблиски, правеле јадење или пишувале божиќни картички. Така ние работиме. Прво семејството, а потоа производот. Со задоволство ќе ви ги вратиме парите но не ми е криво за вработените: Божиќ важи и за нив. Еве ви го мојот личен телефонски број, но, ако се јавувате, да знаете дека веројатно седам на трпеза со своето семејство. И бидете сигурни дека нашиот производ нема да ви го испорачаме, бидејќи јас не работам со никој кој им се заканува на моите вработени. Среќен Божиќ".

Ваквиот искрен одговор лишен од вообичаената крутоазија, добива силна и позитивна реакција кај читателите па истата компанија, во деновите што следат, бива преплавена со нови нарачки за нивниот производ.

Има некоја правда во Универзумот.

17 декември 2013 - 12:58