Подобро да си атеист отколку дволичен католик

Од сите што можеа да го кажат ова дал Хиченс, дал Докинс, дал Џервејс, сугестијата доаѓа од главниот (католички) заменик на горниот, папата Франциско.

За време на утринска миса во четвртокот папата порачал дека е „скандал да се кажува една работа, а да се прави друга, тоа е двоен живот“, објаснувајќи дека е подобро да се живее како атеист отколку како „многуте“ католици што водат хипокритичен двоен живот.

„Има многумина што велат јас сум голем католик, одам на миса, му припаѓам на ова или она здружение“, изјавил првиот човек на Католичката црква, дополнувајќи дека одредени луѓе исто така треба да кажат „мојот живот не е христијански, јас не им плаќам на моите вработени соодветни плати, ги експлоатирам луѓето, правам валкани зделки, перам пари, водам двоен живот.

Има многу католици што се вакви и тие предизвикуваат скандали. Колку пати сите сме слушнале како луѓето велат 'ако тој човек е католик, тогаш подобро е да се биде атеист'.“

Една од носечките пораки на неговото владеење е дека и свештениците и обичниот народ треба да го практикуваат тоа што нивната религија го проповеда.

Во претходните миси тој ја осуди сексуалната злоупотреба на децата од страна на свештениците како рамна на „сатанска миса“, побара католиците што се членови на мафијата да се исклучат себеси од црквата и им порача на сопствените кардинали да не се однесуваат како да се „принцови“.

23 февруари 2017 - 16:59