Што потрефија Германците околу продуктивноста

Текстот е напишан за американска публика, и на неа и порачува дека ОК е што толку се запнати да работат без усул, ама треба малку и да одморат и да се посветат на себе. За тукашната публика пораката од текстот оди во спротивен правец - тоа што Германците се кршат од работа не значи дека не знаат да одморат.

Пример за ова е адаптираниот збор од англискиот јазик - велнес. Па кога Германците зборуваат за велнес викенд, тоа може да се однесува на посета на бања, или за конкретна локација, а "во земја каде што не можеш да отидеш некаде а да не налеташ на дузина такви центри за релаксација, ова не е збор што можеш да го избегнеш."

"И во реалноста тоа изгледа стварно соодветно; на Германците им е длабоко важна грижата за себе, а една таква манифестација е нивниот уникатно здрав однос кон болестите на работа.

Германските колеги со настинато 'Добро утро' добиваат строга директива да си одат дома и да се одморат - и да не се враќаат додека не оздрават! Принципот е едноставен: не можеш да бидеш продуктивен ако не се чувствуваш добро. Плус, одморот не е само за болните. Германските работници можат да сметаат на четири недели одмор годишно, и уживаат во една од најкратките работни недели во Европа," пишува уредничката на Блинкист магазин, Кетлин Шилер.

Според нејзе главното нешто што Германците правилно го имаат сфатено околу работата е дека: да се биде продуктивен значи повеќе отколку само да се има силна работна навика - туку потребно е и време за човек да се погрижи за самиот себе.

Оваа "грижа" опфаќа да одиш дома додека не ти мине настинката, да минеш викенд на велнес, или да се видиш со колеги после работа.

"За Германците, продуктивноста подеднакво зависи од тој легендарен тевтонски фокус (кој да ви кажам е крајно вистински) колку и од одморот и да се биде комплетна личност.

Има совршена метафора за ваквото однесување, ама нејзиното потекло не е германско. Концептот на 'острење на пилата' доаѓа од Американецот Стивен Ковеј, од неговата книга 7-те навики на крајно ефикасни луѓе.

Ако го потрошите цел ден на пилање без да направите пауза за да ја наострите пилата, вашата работа ќе страда. А ако зборуваме за луѓе, а не за алат, тоа значи дека треба да се погрижите за вашите највитални ресурси: вашата физичка, социјална и ментална благосостојба.

Дозволи си доволно време за одморање и полнење, и ќе уживаш во благосостојба и поголема продуктивност. Очигледно потребно е ревидирање на претставата за Германецот што само работи и не се забавува. Германците ја сфаќаат работата многу сериозно, ама тие исто така уживаат и да се завршени со неа," објаснува Шилер.

11 април 2017 - 16:34