Шпанците најдоа еден човек што не оди на работа, а зема плата

БиБиСи ја пренесува веста за Шпанец (комада - еден) вработен во јавно претпријатие кој последниве шест години зема плата без воопшто да се појави на работа.

69-годишниот Гарсија, бил откриен само откако заради годините се квалификува за наградата долг стаж. Позицијата на Гарсија била менаџер на станица за пречистување вода во шпанското гратче Кадиз. Во локалните медиуми човекот е заведен како "el funcionario fantasma" - фантомскиот функционер.

Одбраната на Гарсија е дека бил мета на политичко малтретирање, заради што бил префрлен на работно место на кое немало никакви задолженија за сработување. Сето ова време тој не ни помислувал да се пожали околу ситуацијата стравувајќи за своите приходи и да не биде избркан од работа.

Судот не го прифаќа ова објаснување и му наредува на Гарсија да му исплати отштета од 27.000 евра на јавното претпријатие. Во годините на седење дома, платата на Гарсија била 37.000 евра годишно (бруто плата), што вкупно за овие 6 години изнесува нешто над 220.000 илјади евра.

Во сведочењето, претпоставениот, кој со канцеларија е врата карши врата со Гарсија, изјавил дека 6 години го нема видено човекот, ама бил под впечаток дека тој е под супервизија на локалните власти. Истиот впечаток за Гарсија го имале и локалните власти.

Блиските на Гарсија во разговор со Ел Мундо објаснуваат дека човекот сепак од време на време се појавувал на работа, ама не седел цел работен ден, дополнително признавајќи дека додека бил зад биро Гарсија бил посветен на читање филозофија.

13 февруари 2016 - 18:58