Мојот сон е моја пауза

Малата плата, ќотек, сексуални напади, 100-часовна работна недела и одмор само за спиење, е искуството на голем број куќни помошнички во Катар, кое го пренесува извештајот на Амнести интернешнл.

Во Катар моментално има над 130.000 странци кои работат како чистачи, готвачи, дадилки, возачи и градинари. Најголемиот дел од нив доаѓаат од јужна и југоисточна Азија.

Во извештајот под наслов "Мојот сон е моја пауза" сведоштвата на куќните помошнички се движат од претепување и влечење за коса, до туркање по скали. Меѓу екстремните сведоштва има една Индонезијка која била прободена со нож и изгорена со пегла на градите, како и исповеди на повеќе жени кои биле силувани.

Освен сведоштвата на жените што ги собрал Амнести интернешнл, тие добиле и голем број документи од дипломатските претставништва во Катар, каде биле забележани жалбите на нивните жители дојдени на работа во земјата.

Добивањето работа во Катар најчесто почнува со потпишување договор кој е на арапски и кој жртвите воопшто не го разбираат. Кога тие ќе дојдат во земјата, веднаш потпаѓаат под закон кој важи за арапските земји. Во Катар за секој странски работник има човек кој е негов гарант, а тоа е најчесто неговиот работодавец. Со ова, тие автоматски се на нивна милост и немилост - без нивно одобрување тие не смеат да ја сменат работата, ниту да ја напуштат земјата.

Во земјата постои солиден закон за труд, кој ги гарантира сите права и слободи, само проблемот е што тој речиси и да не важи за куќните помошници.

Претходно беше објавен извештај според кој од 2012-та до сега во Катар умреле околу 500 индиски и 382 непалски работници кои работеле на стадионите за Светското првенство во фудбал.

24 април 2014 - 14:38