Корпорациите создадоа уметност од губење време

Помогнати од технологии како меил и видео-разговори, начинот на кој што го организираме животот и ги структурираме компаниите (посебно состаноците) почна да троши спектакуларни количества време, барем така тврди студија објавена во Харвард Бизнис Ривју.

Иако компаниите најдетално внимаваат како и каде им се потрошени парите, речиси никоја не практикува ниту приближно ригорозна контрола за тоа како им се троши времето. А им се троши на состаноци и подготовки за истите.

"Работи како меил, конференциски разговори и онлајн календари го прават закажувањето и посетувањето на овие работи толку лесно, што луѓето ниту за момент не застануваат да размислат за ова," пишува Макс Нисен за Кварц.

Статистиките од студијата објавена од HBR (во која учествуваат 17 големи компании), имаат неверојатни бројки:

- Во една компанија анализата на закажаните состаноци преку Аутлук, открива дека неделните состаноци на извршниот комитет создаваат вкупно 300.000 часови дополнителна работа и состаноци во текот на годината (за учесниците на овој состанок и нивните тимови). Во ова е вклучено времето потрошено на состаноци, како и за подготовки за истите и задачите од нив.

- 15% од вкупното време на организацијата е потрошено на состаноци, бројка што расте секоја година од 2008-ма до денес.

- Во просек високите директори минуваат околу 2 дена во текот на работната недела во состаноци со 3 или повеќе луѓе.

- Истите тие во просек годишно имаат 30.000 комуникации со надворешни субјекти, споредено со околу 1.000 во 70-те години.

Состаноците, телефонските разговори и мејловите се најкритични кај раководството на компанијата, бидејќи тие речиси секогаш резултираат со дополнителна работа за другите луѓе. "Неуспехот да се мери времето и фактот дека најголемиот дел од компаниите на ниту еден начин не ги обесхрабруваат и казнуваат непродуктивните состаноци ги прават работите уште полоши."

Авторите на студијата предлагаат промени како создавање буџет со време за состаноците или свикување состанок само со јасна и многу ограничена агенда.

"Ако има некој глобален заклучок, тоа е дека најдоброто нешто што поединец може да го направи е два пати да размисли пред да испрати меил или да закаже состанок. Не само што најголемиот дел од нив трошат време, туку тие имаат каскаден ефект на сопственото време и на времето на другите, за кои не сме размислиле (при праќањето)," објаснува Нисен.

19 април 2014 - 15:57