Вест што вреди пијачка:

По 10 милиони години го победуваме мамурлукот!

Таман кога човек ќе помисли дека на светов не постојат вистински херои, ќе се појави научник што тврди дека знае како да се елиминира мамурлукот после пиење. Лоша вест: не одма, ќе си офкате уште некое време.

Дејвид Нат е британски професор што има предавано на Оксфорд, ја водел физикофамаколошката единица на Универзитетот во Бристол и бил претседател на Европскиот колеџ за неурофизикофармакологија. Има репутација на научник што жестоко се бори за промена на сегашниот модел на законите што ги регулираат опијатите, за кои вели дека се косат со научните сознанија и се шашмаџиски и ирационални: многу регулативи се донесени само затоа што медиумите дигнале голема врева околу нешто, па владините служби скоцкале забрана, да не испадне дека не реагираат (неодамна беше забранет диазотен оксид, кој беше легален цели 200 години).

Пар години наназад Нат проповеда алкосинт, нешто за кое ветува дека ги носи добрите страни на алкохолот:

- расположеност, дружељубивост, разврзаност на мислата и јазикот.

Но не и лошите (таа листа е нешто подолга):

- понашање ко сељак, пуштање ко сељак, кавгање, закачање, клатење, паѓање од столица, повраќање, будење со бојлер наместо глава, грижа на совест, подуеност во фацата, дупка во стомакот, дупки во меморијата, болки во коските, осетливост на светлина и звуци од бормашина или правосмукалка, како ќе се довлечкаш во 8 на работа, а имаш и состанок...

Иако тој мамурлук - искрено - е многу праведна казна смислена од еволуцијата заради опстанокот на човештвото (да не е тој и неговата грозотија, што сите не би локале секој ден?), Нат верува дека може да се заобиколи и да имаме конечно решение за проблем што за многумина е побитен од колонизирањето на Марс.

Забраните и прохибицијата - покажува и историјата и денешнината - не вршат работа. Позаебан е тој проблем отколку што се мисли, бидејќи човеколиките створови пијат алкохол 10 милиони години! Тоа одамна му стана јасно и на отец Фрањо во Босна, уште да им стане јасно на овие што носат глупи забрани за купување пиво после 7.  

Досега имате патентирано 90 потенцијални состојки на алкосинтот, изгледаат ли ветувачки?

Дејвид Нат: Алкохолот е дрога што е тешка за имитирање, но имаме три-четири добри кандидати. Не се работи само за тоа како пијачката да те прави среќен, има тука и трошоци на производство и други варијабли. Но постојат барем две состојки за кои би бил среќен ако најдам инвеститори (не ви кажуваме сега кои се тие две, за да дочитате до крај*).

Како е да се биде „пијан“ на тоа?

Исто како со алкохол! Сме го тестирале на луѓе што цел живот се дружат со алкохол и тие не можат да забележат разлика. Велат дека е сосема исто, само со поголема стабилност на човекот, што е добро бидејќи тоа клатење често завршува со физичка пресметка. И јас доста сум го користел и е исто како со алкохолот, само без манифестациите на мамурлук. Алкосинтот го прави она што отсекогаш сме го сакале, луѓето да муабетат слободно и да се забавуваат без она по некое време да паѓаат од столчиња и да повраќаат. И уште нешто, 4 пијачки алкосинт се исто како и 8 пијачки, нема поголема штета врз организмот од двојна доза. А четири пијачки се доволни за комплетното чувство.

Дали луѓе на алкосинт би можеле да возат и што со проблемот со дебелината?

Не би го препорачувал за возење. Сигурно ќе возат побезбедно од оние со алкохол, но не би го препорачувал. А дебелината не. Нема калории, нема дебелеење. А со тек на време би се намалила и еректилната дисфункција.

Може ли луѓето да се навлечат на алкосинт?

Луѓе на сè може да се навлечат и сè да им стане навика. Грцикањето нокти, на пример. Ама тоа не е хемиска зависност.

Дали алкосинтот би можел да помогне алкхоличарите да се оттргнат од алкохолот?

Не би ветувал. На луѓе што се навлечени на хероин не се луди по кодеинот иако тој е многу корисен и е одлична контра на ефектите од хероинот. Но една работа е сигурна, ако луѓето го користат наместо алкохол, ќе имаме многу помалку алкохоличари. А превенцијата е најважна.

Дали алкосинтот би можел да го замени алкохолот во традиционалните пијачки?

Тоа е и идејата. Денес можете да го добиете комплексот што на вискито му го дава препознатливииот вкус и шмек и да му додадете алкосинт наместо етанол. Сигурен сум дека може да се реплицира секоја од омилените пијачки, со истиот шмек и истите единици алкохол, па да имате алкосинт рум, алкосинт виски, алкосинт вотка...

Звучи премногу добро за да биде вистинито. Каде е кваката?

Во парите. Да најдеш инвеститори. Луѓето се излудени, уплашени се од контра од конзервативните медиуми или пак од индустријата на пијачки. Како си сигурен дека ова ќе остане легално, како да знаеш дека некој како Дејли мејл нема да почне да штанца приказни дека некои деца полуделе од тоа? Многу состојки се забранија само затоа што медиумите беа хистерични околу нив.

(*не знаеме кои се тие две, инаку како ќе допишевме до крај?)

24 февруари 2017 - 12:03