Сè е сјебано, научна перспектива

Дали стварно мислиш дека ќе ги излечиш светските болести, ќе најдеш решение за климатските промени, и ќе го издигнеш човештвото преку технологија? Нема - затоа што сè e сјебано, им се порачува на младите научници во воведот на предметот "Сè е сјебано".

Станува збор за измислен курс, кој на својот блог го објавува психологот од Орегон Универзитетот, Санџеј Сривастава. Според него, проблемот со науката е што "ние толку сме фокусирани на резултати што ние не го гледаме патот кој води до откривање на тие резултатите, и тоа е сјебано."

"Дали CRISPR ќе станеше главен збор во биологијата во 2015 ако уредниците на академските журнали одлучеа дека студиите за уредување гени не вредат да бидат објавувани? Што друго откривме (или што не откривме) околу Марс што не вредеше да се објавува?

Дали може да им веруваме на податоците дека бројот на панди и китови почнува да расте? Не знаеме, и тоа не само што е сјебано, туку ги доведува во прашање основите на модерната наука," објаснува Сривастава.

"Сè" во "Сè е сјебано", се однесува на научниот метод, на начинот на кој научниците собираат финансии, на универзитетите кои ги поддржуваат истражувањата, на каналите за објавување и ширење на научно знаење.

Нешто е "сјебано" ако тоа "претставува тежок концептуален проблем за кој изводливите решенија од реалниот свет, не се достапни за научниците или во пракса рутински се игнорираат." Според него, начинот на кој откриваме и споделуваме научно знаење толку изобилува со проблеми, што не постои начин комплетно да знаеме што е вистина.

Во предавањето "Научните публикации се сјебани", тој објаснува дека објавена студија во академски журнал претставува валута во професијата; секој се труди да ги собира, а секој што ги нема е професионално банкротиран. Во ваквиот свет, академските журнали - како Нејчр и Сајанс - се академски банки. Сривастава објаснува дека ова е проблем затоа што тоа значи дека тие ја  контролираат работата.

Ако журналите обрнуваат внимание само на "успешни" стории, тогаш тоа значи дека ги игнорираат сите студии што немаат "секси резултати," и проблемот е што "нема стимул да се откриваат работи кои не ги исполнуваат стандардите за публикување (во овие журнали)".

"Научниците зад овие не секси студии се сјебани: ако никој не ги објави, тогаш не се ангажирани во истражувања или не добиваат грантови за да продолжат со нивната работа, а на нивните научни истражувања неизбежно им се случува комплетен застој," пишува Јасмин Тајаг во Инверс.

Како што објаснува Тајаг, тоа не значи дека нивното истражување било погрешно или бескорисно, бидејќи негативните резултатите често се подеднакво корисни за напредување на науката како и позитивните.

"Всушност тука почнува сè: одлуките за публикување почнуваат да зависат не од тоа дали било поставено добро прашање, туку дали тоа има еден исход или друг," забележува Сривастава.

Во десеттата недела од предавањата Сривастава заклучува дека целата научна професија е сјебана заради притисокот врз научниците да објавуваат повеќе студии, и побрзо, што доведуваат до се помали примероци во студиите, што пак се причина за послаби и статистички помалку издржани резултати. Научниците кои подобро ги дизајнираат своите експерименти, може и да прават подобри научни студии, меѓутоа затоа што не објавуваат толку многу истражувања, се сметаат за помалку способни.

За ова да не биде погребен говор за науката, Сривастава објаснува дека иако е точно дека работите се сјебани, сепак на следната генерација научници останува да го поправат ова.

27 септември 2016 - 14:15