Драмата околу доделување Нобел

Иако на површина изгледа како најбеспрекорната церемонија за доделување награди во светот, под хауба Нобеловата награда има сплетки и кодошење на ниво на балканско бирање кандидат за Евровизија.

Задачата на Нобеловиот комитет е да избере на кого ќе му ја даде наградата за одредено откритие. Без разлика колку лесно изгледа ова, во пракса на еден од главните кандидати за Нобел за физика, проектот ЛИГО (Laser Interferometer Gravitational-Wave Observatory) кој ги детектираше гравитациските бранови предвидени од Ајнштајн, работеа околу 1.000 научници. Додека главниот кандидат за Нобел за хемија, CRISPR - релативно лесен и брз начин за уредување гени - е дел од глобална борба за патентирање и спорови околу тоа кој е негов сопственик.

"Без разлика кој тим ќе го изберат од комитетот, со сигурност може да се каже дека по почетното позитивно внимание во медиумите ќе следува доза будење, кога игнорираните истражувачи и останатите колеги ќе кренат глас дека постапката не била правилна.

Првата недела на октомври светот се фокусира на науката и тоа е добро. Меѓутоа потоа, секоја година, има некоја контроверза," објаснува микробиологот од Џон Хопкинс школата за јавно здравје, Артуро Касадевал.

Правилото е дека наградата не можат да ја делат повеќе од тројца луѓе. Па така уште за време на доделувањето на првата Нобелова за медицина во 1901, германскиот хирург кој требал да избере уште две лица од неговиот тим кои ќе ја делат наградата, протестира и се буни дека "науката се работи во тимови, па затоа е тешко да се избере една личност што има најголем придонес."

Досегашната пракса на комитетот е да не се обѕира на надворешните фактори, дали има борба за патенти или колкав бил тимот, што важело и во 30-те години кога Хитлер им забранува на германските научници да ја прифаќаат Нобеловата награда.

"Наместо тоа комитетот се концентрира на давање приоритет за откритието, борејќи се со проблемот за негово лоцирање и поврзување со еден, двајца или тројца научници од една голема заедница," пишува Хајди Ледфорд во текстот за Нејчр.

28 септември 2016 - 10:24