Почина Џорџ Мајкл

На 53-годишна возраст во својот дом почина пејачот Џорџ Мајкл, ја пренесува Би-би-си изјавата на неговиот публицист.

Смртта ја потврди и англиската полиција, според која нема никакви сомнителни околности околу неа.

Пејачот, кој ја почнува својата кариера во Вам во 80-те, а потоа продолжува како соло-пејач, „починал мирно во својот дом“.

Мајкл, кој е роден како Јоргос Киријацос Панајоту во северен Лондон, во текот на својата речиси 4-децениска кариера продава над 100 милиони албуми. Првата поголема слава ја има со групата Вам, која ја формира со својот школски другар Ендру Риџли.

„Со голема тага може да ви потврдиме дека нашиот драг син, брат и пријател Џорџ почина мирно во својот дом за време на божиќните празници.

Семејството бара да се почитува нивната приватност во ова тешко и емотивно време. Во овој период нема да има дополнителни коментари на темата“, соопшти публицистот на Мајкл.

Во 2011 Мајкл одложи серија концерти откако беше хоспитализиран поради пневмонија. По ова тој имаше неколку сериозни оперативни зафати во неколку болници во Европа.

26 декември 2016 - 00:17