Боно на листата за Жена на годината

Гламур магазинот одлучи да го додаде Боно на својата листа на Жена на годината, одлука за која што главната уредничка на магазинот, Синди Леив, вели дека размислувале и разговарале веќе неколку години.

Леив нагласувајќи дека на мажите и онака добро им оди во полето на собирање награди, објаснува дека во случајот со листата на Гламур поделбата по родови е веќе "застарен начин на размислување, бидејќи веќе има голем број мажи кои прават значителни работи за жените. Некои мажи го разбираат тоа, а Боно е еден од нив."

Како главна основа за признанието на Боно е соработката на неговата Уан кампања со движењето "Сиромаштијата е сексистичка", кое работи на проблемот со сиромашните жени во светот на кои не им е дозволено да се образуваат.

"Самата замисла дека маж кој може да ја одбере која било кауза во светот и да се бори за нејзе, или да не одбере ниту една, избира да работи, и тоа не само една вечер или на некој специјален настан, туку постојано - ден за ден и месец за месец - во корист на жените е неверојатно кул и апсолутно заслужува аплауз," објаснува Леив.

Одговорот на Боно во врска со номинацијата е дека мажите мораат да помогнат во оваа борба "затоа што во најголем дел ние сме одговорни за проблемот, па мора да бидеме вклучени во решението."

На листата со Боно меѓу другите се и Кристин Лагард, Надиеа Мурад и Ешли Грем.

2 ноември 2016 - 09:33