Таблоидите го возвраќаат ударот

Британските печатени медиуми во веројатно најлош можен момент за ЕУ ја демонстрираа својата релевантност меѓу гласачите, доволно поттурнувајќи го јавното мислење за резултатите од референдумот да бидат напуштање на Унијата.

Најголемиот дел од весниците го поддржуваат брегзит, а Дејли Меил, Телеграф, Експрес и Дејли Стар, кои приредија непрекинат бараж од најлоши можни стории за Европската Унија, имаат четири пати повеќе читатели од весниците што беа про-ЕУ.

На ден пред референдумот, Дејли Меил пишуваше за "лагите на алчната елита на скршената Европа која е пред умирање."

Иако таблоидите цело ова време беа прилично либерални со вистината во текстовите што ги објавуваат, на денот по референдумот никој повеќе не им забележува ова.

Ставот на мнозинството уредници е дека "тие едноставно ги пренесувале стравовите на британскиот електорат, стравовите дека се игнорирани од естаблишментот составен од политичари а поддржан од сериозни весници како што се Гардијан и Фајненшл тајмс."

Еден од уредниците изјавува: "Да слушавте што се зборува на Твитер или Фејсбук ќе помислевте дека опцијата за останување во ЕУ лесно ќе победи. Меѓутоа реалноста е поинаква."

Од 1992 кога Сан утврди дека токму тие се одговорни за победата на конзервативците, во Британија се води дебата дали весниците само им пренесуваат ставови на читателите или и влијаат на нив.

И покрај тоа што Британците имаат помалку доверба во медиумите отколку остатокот од Европа, тамошните истражувања покажуваат дека "печатот и понатаму ги отвара најважните прашања, и дека тоа што ќе се појави во весниците главно станува тема на телевизијата и социјалните мрежи."

"Медиумите денес повеќе влијаат на тоа да им кажат на луѓето околу што да размислуваат, отколку што да мислат," објаснува аналитичарот од Универзитетот Лауборо, Дејвид Дикон.

25 јуни 2016 - 11:40