Што ќе прави СиЕнЕн ако никогаш не го најдат авионот?

Процената е дека СиЕнЕн со покривањето на исчезнувањето на авионот ги претвори вестите во теле-новела. Тука најголем проблем е што драмата на СиЕнЕн може и да не добие завршеток, ако не го откријат авионот.

Како што пред нешто повеќе од една година СиЕнЕн од релативно мала сторија за еден патнички брод заглавен во близина на Алабама (на кој не му работеше и канализацијата) направи повеќедневен медиумски настан, така сега истото го прави и со летот MH370, проценува Бен Колинс за Ескваер.

Колинс потсетува на една изјава на Пирс Морган (тогаш се уште вработен во СиЕнЕн) во врска со веста за бродот: "Бродот што беше заглавен на море, воопшто не ме интересираше. Ама се случи фасцинантно нешто: станав комплетно обземен од проклетиот брод! Околу 2 наутро му реков на Џеф (директорот на СиЕнЕн): 'не знам како го направи ова, ама сега навистина ми е гајле за целата работа.' Следниот ден рејтингот беше два пати поголем од просекот."

Иако речиси секој експерт во моментов верува дека авионот доживеал дефект или Малезијците по грешка го собориле, па сега се влечат со истрагата чекајќи тој да потоне, ова не му пречи на СиЕнЕн да продолжува да ги ниже сите можни теории на заговор, меѓу кои најновата е дека летот исчезнал во црна дупка. Ова е одлично за рејтинзите на телевизијата ама не може бескрајно да трае.

"Сега СиЕнЕн треба да се подготви, да се надева дека Северна Кореја пак ќе направи некоја лудост или да направи револуција во телевизијата која ќе ни овозможи достоен крај на драмата во која се претворија вестите," пишува Колинс.

22 март 2014 - 14:52