Проблемот со гадливоста на пребеганите спонзори на Бил О'Рајли

Очекувано Фокс њуз го продолжи 18 милиони долари годишно вредниот договор на Бил О'Рајли. Неочекувано, минатиот викенд Њујорк тајмс објави дека О'Рајли и Фокс во текот на неколку години им исплатиле 13 милиони долари на 5 жени, во замена за нивно откажување од тужбите против него за сексуално малтретирање. Очекувано некои од најголемите спонзори на О'Рајли решија да ги прекинат своите договори со шоуто.

Фокс најмалку една деценија знае за обвинувањата против О'Рајли, кои во описот на Њујорк тајмс (потврден од повеќе извори и од снимки) се состоеле од експлицитни и недостојни предлози од О'Рајли кон жените што го тужат, ветувања за напредување во кариера или закани за "уништување" во зависност од тоа како му одело во контактите со нив.

Фокс пред потпишувањето на договорот исто така знае и дека О'Рајли само во 2015 им има донесено приходи од реклами во износ од 178 милиони долари, што е повеќе од кое друго новинско шоу на кабелска телевизија.

"Токму затоа одлуката на големите огласувачи на Фокс како Мицубиши, Лексус, БМВ, Хјундаи, Кредит Карма, Олстејт и Мерцедес-Бенз или комплетно да се повлечат или да ги прераспределат своите реклами во други шоуа удира онаму каде што боли...

... Во слободно општество, компаниите имаат слобода да се поврзуваат - или не - со кого тие ќе одберат, што го прави изолирањето многу моќен начин за спроведување на основните норми.

Како и да е, ваков притисок од огласувачите не е комплетно непроблематичен.

Големиот проблем со мноштвото од овие компании што се свртеа против О'Рајли е што тие ова не го прават по сопствена желба - туку затоа што се најдоа под притисок од групи како Националната организација на жени (NOW). Во овој случај тоа е во ред имајќи предвид дека однесувањето на О'Рајли е неприфатливо, и најголемиот дел од луѓето сметаат дека е добро што некој направил нешто околу тоа. Сепак, NOW и сличните на нив, се идеолошки противници на О'Рајли и неговиот тип на конзервативна политика. За разлика од менаџментот и публиката на Фокс, тие не се мотивирани од внатрешното здравје на организацијата. Тие не оперираат ниту врз основа на чистотата на пазарот. Тие се манипулаторска пазарна сила која спроведува сопствена агенда.

Од тука, постои и вистински ризик дека избеганите огласувачи ќе изгледаат како да се заробени од прогресивните групи во обид да го поткопаат Фокс. Бидејќи на некој начин и така е.

За да се избегне оваа перцепција (и реалност), овие огласувачи ќе мора да бидат подготвени да тргнат и против ѕвездите на либералните медиуми кога тие ќе направат грешка - а сигурно ќе направат - со иста жештина. Дополнително, овие огласувачи мора да го избегнат искушението да ја користат својата пазарна моќ за да диктираат уреднички одлуки. Во спротивно реакцијата на нивната реакција исто така ќе биде остра," пишува Шика Далмиа во текстот за Вик.

8 април 2017 - 13:07