Олабавете со тоа „новинарите се херои“

Полека малку. Ајде сите длабоко земете воздух. Да, точно е дека живееме во опасно и несигурно време. И точно е дека нашиот претседател го мрази печатот - што иако не е уникатно чувство меѓу претседателите, тоа секако е уникатно според неговата пакосна глупавост, пишува Хамилтон Нолан во текстот за Дедспин.

Точно е дека нашата Бела куќа е окупирана и е во сојуз со луѓе што го сметаат печатот за „опозициска партија“, кои не би се двоумеле да им се закануваат на непријателските медиуми со правни и вонправни мерки. Да, Доналд Трамп и неговите послушници го мразат печатот.

Новинари: Не дозволувајте да ви влезе под... ах, еби му мајката. Касно е сега.

Како некој што со години работи како репортер, можам со одговорност да кажам дека две работи се точни: 1. Новинарите се фасцинирани со вести околу новинарите, и 2. Никој друг не е. Што има совршена смисла. Новинарството е занает, а известувањето за медиумите во основа е известување на професијата, што тоа го става во иста класа со вестите за угостителската индустрија или осигурителната индустрија или индустријата за испораки - вести што им се интересни пред сè на оние во индустријата, затоа што никој друг не го заболе. Луѓето се премногу зафатени да се грижат за ситниците околу секоја можна индустрија. Разликата е во тоа што новинарите истовремено се оние што ги контролираат медиумите, што значи дека вестите за новинари добиваат предност што не содејствува со статусот на известување за еснафот. Тоа е каприц на човековата природа, кој прави да се чувствуваме како ѕвезди во нашиот филм наречен „Целиот свет“. Можеш да бидеш сигурен дека ако медиумите беа управувани од агенти за продавање осигурување, Си-ен-ен и Њујорк тајмс ќе беа полни со вести за фасцинантните и инспиративни мажи и жени што составуваат статистички Ексел табели за осигурителната индустрија. Ова е корисна споредба кога имаш предвид колку се интересни новинарите за јавноста.

Главниот проблем со тоа што претседателот вика „Лажни вести!“ на секоја вистински негативна сторија и твита дека медиумите се „непријателот на американскиот народ“ е во тоа што тој станува закана што може да го поткопа самото здраворазумно верување што ја прави можна секоја рационална јавна дебата. Оваа опасност е добро покриена. Вториот проблем на таквата закана е што таа ги тера новинарите да веруваат дека тие се хероите. Прави новинарите погрешно да помислат дека тие, а не општествените институции на граѓанското општество, се ѕвезди на шоуто. Прави новинарите и нивните навивачи да прогласат дека „новинарите на Вашингтон пост и Њујорк тајмс ја спасуваат американската демократија со секоја следна статија“ и поставуваат Гофундми кампањи за испраќање пици во редакции полни со професионалци од средна класа. Прави Њујорк тајмс на својот сајт да ја смени етикетата на копчето за претплата во „ПОДДРЖЕТЕ ЈА НАШАТА МИСИЈА“. И, Господ да ни е на помош, прави Дејвид Сајмон да го твитне самобендисаниот цитат на Томас Џеферсон за весниците.

Опуштете се.

Репортерите не се херои. Пожарникарите се херои. Репортерите повеќе се како поштари: извршуваат една од многуте совршено чесни и неопходни, но не херојски задачи што го одржуваат општеството во функционална состојба. Оние екстремно мал процент новинари што постапуваат херојски се оние што ги ризикуваат своите животи за да ги покријат заборавените војни низ светот, или храбро да ја кажат вистината за господарите на војната или наркокартелите или крвавите диктатори и покрај реалната можноста да бидат насилно спречени. Една работа што е заедничка за сите овие херојски репортери е што ниеден од нив не е дел од новинарскиот кор во Вашингтон, каде што хероизмот главно се манифестира во форма на јадење бесплатно печиво за време на утринската прес-конференција без да знаеш колку е старо тоа.

Моето површно следење на Си-ен-ен ми кажува дека Џејк Тапер постојано им ги поставува тешките прашања на лажливите функционери од Белата куќа што се појавуваат кај него во емисија. Дали ова го прави Џејк Тапер херој? Не. Го прави маж што ја врши својата работа. (За што добива екстремно добар надомест.) Националните репортери на големите медиумски куќи објавуваат восхитувачки број сериозни стории околу погрешното раководење на новата администрација со американската влада. Пак: ова буквално е во нивниот опис на работа. Мило ми е што тие одлично ја вршат својата работа, меѓутоа би било повпечатливо кога новинарите би биле неспособни да објавуваат добри стории во време на вистинска национална криза и рутинско лажење од највисоките владини функционери. Нивото на херојство тука е на исто ниво како она на вработениот на Сабвеј, кој перфектно ќе ти го погоди сендвичот: секако, дајте им награда за Работник на годината, ама ајде засега да го оставиме Медалот на честа во фиока.

Моментално се случува транзиција во јавното размислување. Заканата од Трамп (која е реална) станува перцепција за хероизам кај оние што ни кажуваат за таа закана (кои во најголемиот дел се медиумски работници што ги исполнуваат своите основни работни задачи). И јас бев вработен во голем медиум што намерно беше уништен од одмаздољубива тужба финансирана од милијардер што сега е еден од најблиските советници на Доналд Трамп. Дали тоа ме прави херој? (Да, можеби?) Не. Тоа ме прави некој што бил доволно среќен да има кариера во пишување стории наместо во копање канали. Иако јас, како и сите мои колеги во медиумите, тајно се сметам себеси за грациозниот херој на републиката чија работа со генерации ќе биде обожавана, морам да признаам дека 99,9% од нас треба да бидат благодарни за сопствената среќа.

Ако репортерите се херои, тогаш што се докторите во брза помош? Што се медицинските сестри на интервентно, што се социјалните работници, организаторите на заедниците и активистите што работат беспари за да го направат светот подобро место? Што се изворите на новинарите, кои често пати преземаат личен и професионален ризик за да обезбедат информации за сите овие приказни? До моите пријатели и непријатели во медиумите, ве молам: ај да не бидеме толку спремни да си го издркаме еден на друг. Лошо изгледа.

Њујорк тајмс имаат гурмет-кафетерија во самата зграда, а навечер одат и јадат во поубави ресторани од вас. Пратете ѝ пица на некоја учителка.

Хамилтон Нолан

22 февруари 2017 - 12:04