Њујорк тајмс: Како згрешивме околу Трамп?

Постои гнев на обичниот народ кон статус-кво во политиката кој меинстрим политичките новинари едноставно не го разбираат, и за да биде болката поголема Трамп им се случува на медиумите само неколку месеци откако истите овие медиуми ја направија истата оваа грешка околу брегзит.

Колумнистот за медиуми на Њујорк Тајмс, Џим Рутенберг, објаснува дека веројатно најголемото достигнување на Трамп е што успева цело внимание на медиумите да го привлече на себе и на своите киксови, притоа заслепувајќи ги и правејќи ги комплетно игнорантни на незадоволството и гневот на обичниот гласач, кој инаку преовладува во делот од кампањата кој не доби ни приближно доволно простор во медиумите.

"Сета таа блескава технологија, податоци и софистицирани модели што американските редакции ги внесоа во претседателската кампања, не го спречи американското новинарство повторно да каска зад главната вест, зад остатокот од земјата.

Новинските медиуми на големо утнаа што се случува околу нив, а тоа беше сторија на животот. Бројките не само што беа лош водич за изборниот ден - туку тие беа во сосема спротивен правец од она што се случуваше вечерта.

Никој не предвиде ваква ноќ - дека Доналд Трамп ќе изведе вакво изненадување против Хилари Клинтон и ќе ја освои претседателската позиција.

Грешката во вторникот вечер беше многу повеќе од грешка во анкетите. Беше неуспех да се види зовриениот гнев на голем дел од американскиот електорат кој се чувствува запоставен од селективното заздравување (на економијата), предаден од трговските договори, што тие ги гледаат како закана за нивните работни места и непочитуван од естаблишментот во Вашингтон, Вол стрит и меинстрим медиумите.

Новинарите никогаш не ги ставија под знак прашање резултатите од анкетите кога тие го потврдија нивното внатрешно чувство дека Трамп ни за милион години не би можел да победи. Тие ги претставија симпатизерите на Трамп кои се уште веруваа дека тој може да победи, како луѓе кои не се во допир со реалноста. На крајот, излезе дека е обратно," пишува Рутенберг.

Хронолошки изненадувањето Трамп се случува само неколку месеци откако европските медиуми беа изненадени од брегзит. Речиси цел месец, медиумите веќе имаа декларирано дека трката е речиси готова, а кога пред десетина дена започнува ФБИ истрагата, оценката останува иста, само делумно модифицирана дека Хилари "ќе има јасна победа, но не доминантна".

Рано вечерта во вторникот по завршување на гласањето Њујорк тајмс предвиде дека Клинтон има 84% шанси да победи на изборите. Истата вечер, истиот медиум, околу 22:30 излезе со комплетно спротивна прогноза, дека Трамп има 93% шанси да ги освои изборите.

Како што минуваше вечерта паѓаат и други медиумски капитулации, Џон Кинг главниот човек за бројки на Сиенен на својата публика и признава дека изминатите неколку недели нивните муабети "не се базирани на реалноста," додека пред него стои огромна мапа која покажува дека Трамп е кандидатот кој има очигледни шанси да стигне до Белата куќа.

"Неочекуваниот пресврт во овие избори веднаш го поставува прашањето околу тоа колку вредат модерните анкети: дали тие можат прецизно да го прикажат јавното мислење кога толку многу луѓе сега се толку тешко достапни на нивните мобилни телефони што ги нема во јавните именици," објаснува Рутенберг (за еден проблем за кој пишувавме тука пред некој месец, во текст кој почнува со - никој не се сомнева дали ќе утнат анкетите, туку колку).

Рутенберг признава дека тоа што анкетите излегле дека се погрешни никако не е алиби за новинарите за кои се покажало дека не се во допир со анти-естаблишмент расположението кое го сврте светот наопаку.

Негова дилема е дали ако бројките не беа толку очигледно наклонети кон Хилари, новинарите ќе фатеа малку подлабоко да го анализираат тоа што Трамп го зборува, и она што повеќе од една година го води него кон победа во секој дуел.

"Можеби повеќе ќе знаевме како планот на Трамп да изгради ѕид на јужната граница минува во Конгресот, или како изгледа неговиот предлог за полесно тужење новинари. Или како тој планира да го блокира влезот на луѓе од други држави кои се поврзуваат со тероризам?" порачува колумнистот.

Завршната порака на Рутенберг започнува со цитат од конзервативецот Род Дрер, кој вели дека новинарите се слепи заради своите "предрасуди кон конзервативците, предрасуди кон руралниот народ, и предрасуди против работничката класа и сиромашните белци." Рутенберг очекува, по победата на Трамп, дека директорите на меинстрим медиумите ќе почнат да бараат нивните новинари почесто да ја посетуваат внатрешноста на земјата (сојузните држави што се прелетуваат на патот од Источниот до Западниот брег) за подобро да ги разберат тамошните граѓани. Според него она што тие нема да го разберат е дека меѓу народот, без разлика каде живее, постои едно сфаќање дека работите се толку тргнати на лошо што после сите афери и лаги што беа извадени за Трамп, тие не можеа да бидат разубедени и дека тоа ним многу помалку им сметаше од проблемите во системот што ги посочи Трамп и вети дека ќе ги поправи.