Бибиси составува тим за откривање лажни вести

Службеното име му е тим за проверка на реалноста, а целта ќе биде проверка и откривање на стории кои се лажни или намерно наведуваат на погрешен заклучок, а се водат како вистински вести.

"Бибиси не може да го уредува интернетот, ама нема да седиме ни на страна. Ќе ги проверуваме фактите за сомнителните стории кои ќе се појават меѓу најпопуларните вести на Фејсбук, Инстаграм и останатите социјални медиуми.

Посебно соработуваме со Фејсбук, да видиме како можеме да бидеме најефикасни. Онаму каде што ќе видиме намерно лажни стории што се маскирани како вести, ќе објавиме проверка која ќе го покаже тоа.

Ние сакаме проверката да биде многу повеќе од јавен сервис, сакаме да биде популарна. Целта е да користиме разни формати и стилови - онлајн, телевизија и радио - за да осигуриме дека фактите се пофасцинантни и привлечни отколку лагите," изјавил одговорниот за вести во Бибиси, Џејмс Хардинг.

Тимот е дел од намерата на Бибиси повеќе да се сконцентрира на "спори вести", користејќи детални анализи и експертизи. Планот вклучува и воспоставување мрежа на експерти од вработените на Бибиси, создавање на "екипа за собирање информации" во Светскиот сервис на Бибиси и вложување на повеќе ресурси во "дата-новинарството".

13 јануари 2017 - 10:12