Атлантик се кандиса

Атлантик е еден од највоздржаните американски магазини за време на избори. Во своето постоење (пазете, постојат 159 години!) само во два наврата поддржале некој кандидат за претседател. И еве сега се појавува Доналд Трамп.

Од основањето во 1857 година до сега Атлантик отворено ги има поддржано само Абрахам Линколн и Линдон Б Џонсон. Хилари Клинтон е третиот кандидат за претседател кому му имаат изразено поддршка на своите страници.

И глаавно, не заради неа.

"Ние сме импресионирани од некои квалитети кои ги поседува демократскиот кандидат за претседател на САД. Истовремено, воопшто не сме импресионирани од некои други нејзини карактеристики. Но, нашата главна грижа е републиканскиот кандидат Доналд Трамп", ја образложи ваквата одлука нивниот главен уредник. 

Со ваквиот потег Атлантик се вброи во растечката листа на публикации кои застанаа зад Хилари Клинтон, а меѓу кои има и конзервативни медиуми.

Во својот едиторијал, магазинот наброи куп дефекти кои ги гледа кај Трамп: од неговото обожување на авторитарни лидери, склоноста кон конспиративни теории и расистичка бруталност, ксенофобичниот карактер и гадливоста на факти.

“Да се соочеше Хилари со Мит Ромни, или Џон Меклејн, или дури со Џорџ Даблју Буш или кој било друг Републиканец, немаше да бидеме принудени на ваква одлука", пишува Атлантик.

7 октомври 2016 - 14:40