Субвенции за студентки од постари господа

225 илјади универзитетски студенти во Британија имаат свој спонзор (sugar daddy) кој им покрива најразлични трошоци вон факултетот, тврди за БиБиСи компанијата што ја има водечката апликација за спојување на постари мажи со млади девојки.

Seeking Arrangement тврди дека во изминатата година има раст од 40% на новозачленети млади девојки, по пат признавајќи дека во овие бројки може да има и луѓе со по неколку профили, а терминот "студентки" вклучува практикантки и вработени на половина работно време.

Целта на компанијата е да спои богати мажи со млади девојки, објаснувајќи дека нејзините членови "имаат шанса да го искусат луксузниот животен стил, и секојдневно да запознаваат богати луѓе."

Најголем број нови членови има од Универзитетите Портсмут и Кент, а 56% од девојките кои ги користат овие сервиси доаѓаат од семејства од средна или висока средна класа.

БиБиСи зборува и со една корисничка на апликацијата, 20-годишната Кловер Питилиа, за тоа какво е нејзиното искуство.

Прво нешто што кажува е дека апликацијата не е за "сељаци" и дека има одредени стандарди што мажите треба да ги исполнат. По нејзината перцепција, мажите на сајтот "во животот стигнале материјално таму каде што сакаат да бидат, па сега сакаат да се забавуваат."

Во однос на тоа што добиваат спонзорите од девојките за парите што ги трошат на нив, Питилија објаснува дека "некогаш се очекува и секс, ама тие обично се прилично отворени околу тоа."

"Обично одма ќе ти кажат. Ако тоа го сакаат тогаш тоа го сакаат.

Ама ако тоа не е она што јас го сакам, тогаш нема ни да го сторам тоа.

Меѓутоа ако се атрактивни и ако не ти пречи, тогаш зошто да не," изјавила 20-годишната студентка.

За забелешките дека вака дефинираната околина, многу наликува на проституција, објаснувањето на девојката е - кој што сака може да мисли, ама не мора да правиш ништо што не сакаш.

9 февруари 2016 - 10:31