Кој денес одредува што е порнографија?

За жал, Фејсбук. Некогаш за ова прашање решаваа мудри и искусни судии со такт и чувство за контроверзни теми, денес пресекува некој аутсорсинг работник од Филипините.

Во еден судски случај од 1964 околу тоа дали државата Охајо има право да забрани еден филм заради проценката на надлежните дека е порнографски, американскиот Врховен судија Потер Стјуарт ја даде легендарната дефиниција за порнографијата: "Ја препознавам кога ќе ја видам" (патем, во спорниот филм со Жана Моро не ја видел).

Денес ситуацијата е сосема поинаква, заради главниот медиум на порнографијата, интернетот, и начинот на кој тој е управуван. Сајбер просторот не е во раце на институции и правни системи туку во раце на приватни корпорации и приватни платформи и провајдери.

"Правилата за денешниот интернет не ги носат избрани претставници на граѓаните туку технократи - главно мажи и главно белци. А оние пак кои носат секојдневни одлуки за тоа што можеме а што не можеме да видиме не се судии со долгогодишно образование и искуство туку слабо платени работници од аутсорсинг фирми од места какво што е Филипини", пишува Џилијан Јорк во Вашингтон Пост.

Земете го Фејсбук за пример. Како компанија која се наоѓа на берза, таа првенствено е одговорна кон сопствениците на акции. За неа корисникот на Фејсбук е повеќе производ (кој им го нуди на огласувачите) отколку клиент. Како таква, компанијата има создадено своја 'морална библија' со правила кои знаат да бидат класично цензорски: луѓе биле блокирани или отстранувани од платформата заради фотографии поврзани со свесноста за рак на дојката, па често и за политички говори.

Според правилата на Фејсбук, сексуалната содржина е забранета. Но, тоа важи за жени без горна облека но не и за мажи без горна облека. А мешањето на голотијата, сексуалноста и порнографијата е поопасна од самата порнографија. Голото човечко тело не мора да е автоматски сексуално ниту пак секој сексуален чин е автоматски порнографија. А бидејќи Фејсбук за тоа не може мериторно да суди, донесува правила кои се далеку порестриктивни од оние кои на граѓаните им се уставно гарантирани.

А прашање е и дали и самата порнографија (онаа за која знаете дека е тоа кога ќе ја видите) е толку штетна за општеството што треба да се забранува. Според истражување на Харвард, конзервативната и мормонска Јута е една од најактивните конзументи на интернет порнографија во САД. Па сепак, нивните власти неодамна ја забранија порнографијата прогласувајќи ја за "опасна по здравјето" а гледањето порно за криминал. Тамошните тврдолинијаши се обидуваат да докажат дека и самиот интернет е противуставен.

И пуританските законодавци од Јута и Фејсбук се исти: се обидуваат да наметнат правила со кои мнозинството луѓе не се согласуваат. А тоа води кон опасни преседани во врска со слободата.

26 мај 2016 - 23:59