Последното интервју на Борис Немцов

Простото извлекување паралели е една мрзлива дисциплина која може да доведе до велелепно глупави заклучоци. Па сепак, морничав е впечатокот во какви слични наративи е заплеткан овој наш дел на светот. Последното интервју на Борис Немцов за полското издание на Њузвик, пред оние четири кукавички куршуми да го спречат да види дали неговите идеи за Русија ќе се остварат или ќе пропаднат.

Newsweek: Опозицијата излезе на улиците но режимот се држи поцврсто од кога било. Ќе се смени ли Русија?

Борис Немцов: Засега, се давиме. Сите. Заради политиката на Владимир Путин, земјата со неспоредливи потенцијали тоне а економијата колабира. Ние своевремено имавме заштеди од 500 милијарди долари! За првпат во нашата историја имавме шанса да направиме голем развоен чекор. Ниеден руски лидер не бил во толку комфорна позиција. А што имаме денес? Двоцифрена инфлација, девалвација на рубљата, одлив на капиталот - 150 милијарди долари веќе се надвор!

Запад, САД и ЕУ одат напред а што прави нашата влада? Се занимава со очајни идеи, сака да ги регулира цените, субвенционира државни компании за нејзините луѓе во управите да заработат уште повеќе. И најлошо од сè, влегува во скапата, братоубиствена војна во Украина и бесцелно конфронтирање со Запад, Сите ги чувствуваме последиците од оваа луда политика. Не можеме да останеме рамнодушни, затоа излегуваме на улица. Тоа се протести против колективното самоубиство на Русија. И тоа не е прашање само на опозицијата туку на сите Руси.

Newsweek: Сепак, изгледа не на сите. И неколку десетици илјади да излезат на улица, тоа е ништо во однос на 80-те проценти Руси кои го поддржуваат Путин.

Немцов: Не се сомневам дека борбата за обновување на Русите ќе биде тешка. Луѓето гледаат каде ги води оваа луда политика, тие ја гледаат широко распространета корупција, имаат лични искуства со неспособноста на државата. Но, тие сè уште веруваат во лидерот, бидејќи во изминатите неколку години, една работа лидерот ја правеше многу добро: перење на мозокот на Русите. Тој им го вгради вирусот на инфериорност кон Запад, верувањето дека единственото нешто што можеме да направиме е употребата на сила, насилство и агресија.

Путин ги програмираше моите сограѓани да мразат странци. Ги убеди дека треба да го обновиме поранешниот советски поредок и дека позицијата на Русија во светот целосно зависи од тоа колку светот се плаши од нас. Успеа да го спроведе тоа со гебелсовска пропаганда. Оваа пропаганда е насочена кон прости луѓе; тука нема место за било какви прашања, за нијанси. За жал, тоа функционира. Хистеријата достигна невидени нивоа, па оттука и високото ниво на поддршка за Путин. Затоа, ние треба да работиме што е можно побрзо за да им се покаже на Русите дека постои алтернатива, дека политиката на Путин води до деградација и самоубиство на државата. Има сè помалку и помалку време да се разбудиме.

Newsweek: Зошто?

Немцов: Затоа што Русија брзо се претвора во фашистичка држава. Ние веќе имаме пропаганда моделирана по урнекот на нацистичка Германија. Имаме и зачетоци на казнени бригади. Како да ја наречеш онаа анти-мајдан псевдо-граѓанска иницијатива која пред две недели се собра за да ја минира годишнината од револуцијата на Мајдан?  Десетици илјади платеници, насилници и секакви типови сомнителни лица беа донесени во Москва. Се обидуваат да нé заплашат. Со портрети на Путин се заколнаа дека ќе се борат па дури и ќе убиваат противници. Исто како и во Германија на Хитлер. А ова е само почеток.

Newsweek: Но, тоа беше на руските власти предупредија дека против фашизмот во Украина.

Немцов: Некој некогаш рече дека идните фашисти ќе бидат токму жестоките анти-фашисти. Фашизам во Украина? Глупости! Ајде да погледнеме во Русија. Имаме една партија изградена на култот на водачот плус некои ирелевантни сателитски партии. На секои неколку години имаме патетична пародија на избори. Имаме шовинистичка и агресивна надворешна политика, загревање на империјалистичките комплекси, милитаризација на општеството. Ова се карактеристики на фашистичкиот режим, нели? Меѓутоа, Путин не е фашист. Тој само цинично користи некои елементи од минатото, ги меша со други, на пример со советските традиции, и хибридот е роден, современ хибриден фашизам. Тоа е исто како војната во Украина. Војната се случува, руски војници се таму, но Кремљ сето тоа го негира и глуми дека владата нема никаква врска со  тенковите во  Донецк. Истото се однесува и на фашизмот, тој постои во Русија, но властите велат дека се борат против фашизмот во Украина. Ако ние не го запреме ова лудило, последиците за сите нас ќе бидат катастрофални.

Newsweek: Вистина е дека Путин ја менува својата поилитика кон Украина на 5 минути но тој сепак не прокламира фашистички идеи.

Немцов: Стварно? Тој едноставно го презира целиот светски поредок! Тој отворено вели дека Западот е полош од нас, зол, слаб. Вели дека Украинците не се во можност да ги изградат држава и само тој, Путин, може да им помогне. Зборува за потребата за обнова на светскиот поредок, за природното право на Русија за свои сфери на влијание, за потребата од заштита на руското малцинство надвор. Кремљ користи малцинства, јазични и културни прашања за да ги запали соседните земји одвнатре. И ова е најстрашното нешто: луѓето кои го контролираат Кремљ се убедени дека тие го имаат рецептот за среќа за оваа огромна земја. Собраа неколку слогани и идеи од најпознатите авторитарни режими од минатото и ги интегрираа во моменталниот светски поредок. Избуричкаа сè живо и се мислат за генијалци.

Newsweek: Многумина Руси сметаат дека Владата создава ред и стабилизација, бидејќи кај неа има и лидер и структура. Кај опозицијата? Кој е лидер? Вие или Алексеј Навални, кој седи во затвор?

Немцов: Јас сум еден од лидерите на Обединетата демократска опозиција. Во нашите редови има многу храбри и харизматични луѓе кои претставуваат различни ставови и политички опции. Но, ја делиме желбата за промени, за враќање на демократијата и за отстранување на овие луди луѓе од власта. Да, понекогаш владата нè гази како булдожер. Алексеј Навални е во затвор (заради делење летоци во московското метро!) со цел да се изолира од протести. Но, украинскиот Мајдан нема еден лидер. Личностите не се важни. Најважна е идејата за голема промена и обнова на Русија.

Newsweek: Како опозиција немате медиуми па гласот и не ви е баш силен. Излеговте на улица но бевте прикажани како петта колона на непријателите на Русија, рамни на американски агенти. Путин порачува дека нема да има руски Мајдан. Како мислите да победите?

Немцов: Ние сме реалисти. Точно е дека владата одамна нè жигосува како непријатели. За многу Руси ние сме непријатели и предавници. Дури и во моите најлуди соништа не би се обидел да  организирам Мајдан во Москва. Путин не е Јанукович. Тој со години се подготвуваше за борба со сопствениот народ, ако нацијата се сврти против него.  Има силен безбедносен апарат а сега ги има и овие милитантни фанатици. Секој голем протест лесно може да се претвори во крвопролевање. Наспроти сè, ние ќе се обидуваме.

Newsweek: Русите не се Украинци, се чини дека се далеку од некаква пресвртна точка.

Немцов: Затоа прво треба да се фокусираме на оние кои се веќе убедени. Маршевите се наменети за да се преброиме, да се види дека не сме некои маргинални групи туку вистинска сила. Излегувањето на улица во денешна Русија бара голема храброст. Ова е само почеток. Можеби ќе можеме да ставиме наши луѓе во градската власт во Москва. Во главниот град имаме повеќе граѓани со отворен ум. Дури и добивање неколку места во градскиот совет ќе биде успех, пукнатина во монолитната власт.

Newsweek: Овие се прилично минималистички цели, а велите дека времето е кратко.

Немцов: Времето сега тече забрзано. Економската криза ќе ги забрза политичките процеси во Русија. Многу Руси го поддржуваат Путин бидејќи во последните неколку години тој го подобри нивниот животен стандард. Но, Русите не се глупави, како што често се верува на Запад. Голем број пензионери, работници и службеници никогаш не би поверувале во пропагандата и не би дозволиле Путин да ги измами ако не им се случеше подобрување на животот. Знаеја дека нивниот животен стандард е резултат на високите цени на нафтата, но сето тоа им дојде добро. Тие не размислуваа за тоа дека нивните животи би биле уште подобри ако нафтените резерви беа добро менаџирани и инвестирани а не украдени. Сега, кога излегува дека пензијата или платата не е доволна да се врзе крај со крај, луѓето ќе почнат да будат.

Newsweek: И да престанат да го обвинуваат Запад за влошувањето на својот животен стандард?

Немцов: Да, сега е крив Запад, се жалат на санкциите, но почнуваат да сфаќаат дека вистинските причини се различни од оние кои им ги сервира Владата. Западот дејствува разумно и прилично нежно. Мора да се ограничи руската агресија во Украина. Кризата во Русија не е резултат на санкциите туку на лудилото на Путин. Тој веднаш возврати со т.н. контра-санкции. А кој беше казнет од нив? Ние, Русија. Не само тоа, тој исто така покажа дека неговата голема земја не може да обезбеди основни работи. Самиот Путин покажа дека царот е гол. Но, знам дека нема да отстапи од овој пат. Тој нема да ја остави Украина. Ќе ризикува и дополнителни санкции, ќе потроши уште милијарди долари за армијата и полицијата. Само ќе ја контролира инфлацијата бидејќи знае дека зголемувањето на цените би ги налутило луѓето.

Newsweek: Економската криза во Германија го доведе Хитлер на власт, но Путин веќе има таква моќ.

Немцов: Значи, тој само може да го загуби. За тоа да се оствари, потребна е алтернативна визија, поинаква идеја на Русија. Нашата идеја е една демократска и отворена Русија. Земја која не е применува разбојнички методи кон сопствените граѓани и соседи. Но, како што веќе споменав, рускиот фашизам е хибриден. А хибридите се исклучително отпорни.

 

1 март 2015 - 09:46