најретро интервју у свет:

13 (не)згодни прашања за Влатко Стефановски

Влатко Стефановски го најавува новиот албум на Леб и сол и тврди: 1) Леб и сол не сакаат да се повторуваат. 2) Леб и сол звучат посвежо од кога било. 3) Новите песни нас Леб и сол ќе бидат уште поголеми хитови. "Ете што може брак да направи од човека!," пишува магазинот Поп рок во пресрет на албумот кој ќе биде последен студиски запис од легендарниот македонски бенд.

 1. Плочата "Путујемо" ја работевте долго, Колку што ми е познато, потрошивте околу 200 студиски часови. Очекуваш ли поголем комерцијален успех од претходната плоча?

- Очекувам, навистина очекувам. Песните се некако заокружени, индивидуални, секоја песна е за себе и секоја сама се бори сама за себе. Плочата е доста слоевита, има просторност, полно тоа се случува на неа.

2. Дали на Леб и сол им треба голем комерцијален успех и полно хитови? Сите знаеме како со години работевме плочи без претензија за високи тиражи.

- Можеби не би ми бил важен тираж и комерцијален успех каков што сега постигнува, да речеме, Бајага, но би сакал да имам и тиражи и хитови и публика. За кого би работел ако го немам сето тоа? Денес се такви времињата, мора да имаш за некого да работиш.

На луѓето е тешко да им  се удоволи. Некогаш рабоетвме инструментални плочи па ни викаа дека ни требаат хитови, денеска е обратно.

3. Во скопските рок кругови се слушаат гласини дека вашата нова плоча е добра ама дека сепак "не е тоа тоа".

Никогаш не е "тоа тоа" па сепак секогаш "тоа е тоа". Едвај чекам некои од тие луѓе да направат добра плоча. Сè додека не направат добра плоча, јас ќе ги слушам само моите плочи.

4. Во последно време некои македонски групи се обидуваат да го скршат мразот. Некои издадоа и албуми, како на пример Александар Македонски или Мизар. Како да дојдат до вистинската формула за успехот?

- Мојата прва препорака е да станат сериозни и да седнат да работат. На Мизар би им препорачал да престанат да ме плукаат, со нив немам ништо заедничко. Јас не сум шеф на полиција и не ми е јасно зошто им пречи моето име.

Алексадар Македонски се супер. На Картер би му препорачал да работи посериозно. Треба малку повеќе да се грижат за своите песни.

5. Пред крај на снимањето останавте без клавијатурист. Кики отиде за да се врати или....?

Кики замина... Не влегувам во тоа зошто си отиде, веројатно мораше да си оди. Дали ќе се враќа или не, веќе не е важно. Имаме нов клавијатурист. Се вика Валентино Скендеровски, млад е, има 21 година.

Добро е кога работиш со млади луѓе кои имаат сила, кои немаат "истрошена" меморија. Секој нов човек е освежување.

6. После "Као какао" имаше некоја напнатост меѓу тебе и Гарабет Тавитјан. Каква е сега ситуацијата?

- Додека ја снимавме плочата сè беше во најдобар ред. Гаро и јас сме спротивни карактери, ние сме различни суштества. Кога сме на сцена, навистина сме одлични. Кога сме на пат, меѓу нас нема никакви кавги. Проблемите настануваат кога ќе залегнеме во Скопје.

7. Има ли шанси повторно да се собере оригиналната постава - Влатко, Бодан, Гаро и Коки?

- Ние веќе бевме заедно во студио пред неколку дена. Коки премногу е зафатен со работата во РТВ Скопје. Веројатно и тој би сакал да свири во Леб и сол, но е премногу окупиран со работата. Имам најубаво мислење за него но патиштата ни се разделуваат.

8. Џони Штулиќ неодамна издаде албум кој наиде на различни коментари. Имаш ли соло амбиции во перспектива?

- Ако кажам дека немам, ќе те излажам. Но, ако нешто такво работам, тоа ќе биде сосема различно од ова што сега го работам. Би сакал да издадам една гитарска плоча. Во светот постојат многу гитаристи кои работат слични работи.

Што се однесува до Џони - сега сме ОК. Се чувме пред некој ден, ми се јави од Холандија... Имавме некои несогласувања во Белград.

9. Во последно време сè почесто те слушаме како гост на разни плоч. Дали луѓето те викаат да им ги разубавиш плочите затоа што те сакаат или затоа што им свириш бесплатно?

Основа причина за сето тоа е пријателството. Ако ме викне Јура, јас е можам да го одбијам иако музички не се согласуваме премногу. Јас сакам едно, тој друго. Па сепак, Јура е забавен човек и сакам да работам со него.

А за Бебек мислам дека е феноменален човек.

Јас тие плочи не сум ги чул и не можам да кажам како испаднале, но драго ми е што сум ги работел и пак ќе работам, имам многу неискористено време.

10. Од скоро си оженет човек.Како на еден рокер делува бракот?

- Да бидам искрен, бракот делува доста стимулативно. Овој наш рокерски живот е доста самоубиствен. Нередовна исхрана, неспиење... Сето тоа влијае на човек. Ова е начин што подобро да се посветиш на работата и еднаш да се средиш.

На некој начин, бракот е средување на впечатоци. Навистина е супер кога имаш со некого да делиш и добро и лошо.

Мојата сопруга и јас заедно живееме без венчавање три години, а сега, приметуваш, очекуваме и бебе. Сè е тоа и повеќе од убаво.

11. Се зборува дека ја криеш жена ти и не сакаш таа да се појавува во јавноста.

- Не е вистина, ама не би сакал луѓе да ми ѕиркаат во постела. Сепак мислам дека треба да постои приватност. Имам убава жена, секаде се појавуваме заедно, одиме на концерти...

12. Што е за тебе всушност Леб и сол?

Леб и сол се една важна работа. Долго време Леб и сол ми е сè што имам. Немам ни куќа, ни БМВ, ни кафич... Но затоа имам бенд кој свири најдобро во Европа.

13. Леб и сол веќе десетина години се при врвот или на него. До кого ќе трае сето тоа?

Успехот не ни е мотив. Ние сме задоволни кога сме на сцена. Битно ни е да се задоволни оние кои нè слушаат, оние деца пред нас на концертите.

До кога ќе трае? Има време, рано е за тоа да се зборува. Млади сме. Еве гледаш, имам подолга коса и ќе ја пуштам уште, што зборува дека не сум го завршил своето.

Разговарал: Дејан Поповски. Поп-рок 1989 година. 

26 февруари 2016 - 16:21